Активности



Понеделник, 21 март 2011 година

Деведесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Деведесет и деветтата седница, одржана денеска, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по Договорот за заем за Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар – фаза II“ (по скратена постапка);
  2. Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија-Смоквица (по скратена постапка).

Воведно образложение по предложените закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по Договорот за заем за Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар – фаза II“ беше донесен во ноември 2009 година со цел да се создадат законски услови за склучување на договорите за Проектот.

Бидејќи склучувањето на договорите е одложено поради потребата од решавање на одредени отворени прашања, се пристапи кон промена на планот за подмирување на обврските за плаќање во Договорот за заем. За да може да се пристапи кон склучување на Договорот за заем, потребно е да се измени Законот за задолжување, во смисла на тоа дека заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои достасуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември секоја година, започнувајќи од 30 јуни 2016 година, а завршувајќи на 30 јуни 2031 година.

Заменик-министерот за финансии истакна дека Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија - Смоквица е голем проект, со кој се предвидува изградба на нова модерна автопатска делница Демир Капија – Смоквица, во должина од околу 28 км, во согласност со европските стандарди, со што ќе се комплетира главната оска од Коридор Х која поминува низ Република Македонија.

Поради комплексноста на теренот на кој ќе се извршуваат градежните работи, Проектот е оценет како доста сложен и опфаќа изградба на неколку големи објекти од типот на мостови, тунели, натпатници, потпатници и патни јазли.

Овој Проект, според подготвениот основен и изведбен проект, изнесува околу 245 милиони евра и неговото финансирање ќе се врши од повеќе извори: грант средства од Европска Унија преку ИПА, заем од Европската инвестициона банка, заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и средства од Буџетот на Република Македонија.

Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х е еден од т.н. „големи проекти“ во рамките на Оперативната програма за Регионален развој 2007-2011 година, финансирана преку третата компонента од Инструментот за претпристапна помош - ИПА на Европската Унија (ЕУ). За финансирање на Проектот во рамките на Оперативната програма алоцирани се 45 милиони евра за периодот 2007-2011 година.

Проектот ќе се реализира во две компоненти:

  • Изградба на автопат на Коридор Х од Демир Капија до Смоквица и
  • Изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини.

Првата компонента од проектот ќе ја имплементира Оперативната структура составена од Министерството за финансии – Сектор за централно финансирање и склучување на договори, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта, согласно воспоставениот систем за децентрализирано управување со европските фондови, додека втората компонента од проектот ќе ја имплементира Агенцијата за државни патишта.

Заемот ќе се отплаќа од Буџетот на Република Македонија. Услов за склучување на Договорот за заем е донесување на Законот за задолжување, согласно постапката за задолжување со склучување на Договор за заем утврдена во Законот за јавен долг.

Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог и му предлага на Собранието да го разгледа и донесе Законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по Договорот за заем за Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар – фаза II“.

По Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија-Смоквица (по скратена постапка), не беа поднесени амандмани, па Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието да го разгледа и да го донесе овој Предлог-закон.

Click