Активности



Среда, 23 март 2011 година

Македонија  да продолжи на евроинтегративниот пат 

Потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Силвана Бонева,  денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, која беше предводена од г. Михај Бала, претседател на Комисијата.

Во составот на унгарската делегација беа и потпретседателот на Комисијата, г. Мартон Ѓонѓоши, пратеникот  г. Атила Грубер и советникот г-ѓа Ноеми Корањи. Во придружба на Делегацијата беше амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. Ференц Кекеши, како и заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата, г. Атила Пинтер.

На средбата покрај потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и членовите: г. Петар Поп-Арсов,  г. Кенан Хасипи и г. Александар Николоски, г. Димитар Мирчев од Кабинетот на претседателот на Република Македонија и г-ѓа Љубица Нури од Стопанска комора на Република Македонија.

Во своето воведно обраќање, потпретседателот г-ѓа Силвана Бонева ги запозна гостите со составот и работата на Националниот совет за евроинтеграции, воедно изрази големо задоволство од посетата на Делегацијата и уште повеќе што ова се остварува за време на актуелното Унгарско претседателство со Европската унија и претставува израз на поддршката на нашите евроатлантски аспирации од страна на Република Унгарија.

Потпретседателот, г-ѓа Силвана Бонева, изрази благодарност до Република Унгарија за досегашната поддршка на политички план, како и за остварувањето на нашата евроатланска цел, за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Европската унија, употребата на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација, за тоа што е активен поддржувач на укинувањето на визниот режим кон Република Македонија и иницијатор на неформалната група на пријатели на земјите од Западен Балкан, кои претендираат да станат полноправни членки на НАТО.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, г. Михај Бала, посочи дека Република Унгарија продолжува и понатаму со дадените приоритетите како дел од агендата на Унгарското претседателство, следење на состојбите на Западен Балкан, продолжување на процесот на проширување, притоа истакнувајќи дека стабилизацијата би била невозможна без интеграција на Македонија во Европската унија.

Државата континуирано расте и се развива и тоа се гледа преку буџетот и стабилноста на регионот и е веќе препознато во повеќето европски држави – забележа г. Бала.

Присутните се согласија дека оваа средба беше од особена важност за размена на мислења и искуства меѓу двете земји по прашањата за името, евроинтегративниот процес, како и информации за внатрешната политичка ситуација на земјата во еден специфичен период во кој се наоѓа.

Беше истакнато дека Република Македонија и понатаму активно ќе се залага за континуирано унапредување на меѓусебната соработка помеѓу двете земји преку парламентарната димензија, која е од особено значење во развојот на меѓусебните односи со конструктивен и пријателски пристап и разни форми на соработка и непосредни контакти, како и подобрување и продлабочување на економската односи преку соработка на македонските стопански субјекти со стопански партнери на Република Унгарија.

Click