Активности



Петок, 25 март 2011 година

Македонија да продолжи на патот на парламентарната демократија

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентот на Република Турција, г. Кенан Хасипи и членовите: г. Цветко Грозданов, г. Андреј Жерновски, г. Авдија Пепиќ и г. Назиф Буши, денеска остварија средба со министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш.

Во состав на турската делегација беа и: Н.Е Гурол Сокменсуер , вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Турција во Република Македонија и г. Халук Иличак, амбасадор, генерален секретар за прашања на ЕУ.

На средбата, г. Хасипи го поздрави присуството на турската делегација, и изрази огромна благодарност што претставници на извршната власт на Турција остваруваат средба со Пратеничка група за соработка во Парламентот на Република Македонија,  давајќи ѝ со тоа поголемо значење на парламентарната демократија.

Претседателот Хасипи  ги посочи добрите и стабилни односи помеѓу овие две пријателски земји, кои ги карактеризира висок степен на толеранција и разбирање. Воедно, тој потсети дека Република Турција прва ја призна независноста и суверенитетот на Република Македонија и се залага за употреба на нејзиното уставното име во сите меѓународни платформи, прва отвори амбасада во Република Македонија и назначи свој амбасадор, а силната и несебична поддршка дојде до израз и за време на Самитот во Букурешт.

Министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш, истакна дека голема одговорност е да се биде присутен во пријателска и братска земја како Република Македонија, во Парламентот којшто е израз на волјата на народот на Македонија, изразувајќи свое лично задоволство што во Парламентарната група за соработка се застапени сите политички партии, како што е и случајот со Парламентарната група за соработка во Големото народно собрание на Република Турција.

Тој додаде дека признавањето на независноста и отворањето на амбасадата, е чекор со кој се гордее Република Турција и дека во иднина ќе продолжи да ѝ  дава целосна поддршка на Република Македонија во сите меѓународни платформи, земајќи ги предвид истите проблеми со кои се соочуваат двете земји на патот кон интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Освен политичката соработка, овие две земји ги карактеризира и соработка во полето на одбраната, внатрешните работи, здравството, спортот, итн. Република Турција, исто така, е значаен трговски партнер, котирајќи високо помеѓу првите десет земји кои имаат огромна трговска размена со Македонија, а голем број на историски споменици во земјава се показател за силните културни и историски врски меѓу двете земји и нивното зачувување е од огромно значење.

Click