Активности



Среда, 23 март 2011 година

Македонија може да смета на поддршката од Унгарија

За Република Македонија е многу важно што ја има поддршката од земјите пријатели, како што е Унгарија, која го почитува нашето уставно име, како и тоа што во агендата на нивното актуелно претседателство со Европската унија го имаат проширувањето на Унијата и добрососедските односи.

Ова беше истакнато на денешната средба на претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов и членовите: г-ѓа Владанка Авировиќ, г-ца Христина Рунчева, г. Миле Пачемски и г. Панче Дамески, со Делегацијата на претседателството на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија.

Во составот на унгарската делегација беа: претседателот на Комисијата, г. Михај Бала; потпретседател на Комисијата, г. Мартон Ѓонѓоши; пратеникот  г. Атила Грубер и советникот г-ѓа Ноеми Корањи. Во придружба на Делегацијата беше амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. Ференц Кекеши, како и заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата, г. Атила Пинтер.

На почетокот од средбата, г. Поп-Арсов ја оцени посетата како континуитет на поддршката која Унгарија ѝ ја дава на Македонија во евроинтегративниот процес и ги запозна гостите со надлежностите на Комисијата за европски прашања и посветеноста на евроинтеграциите, за кои постои силна партиска и граѓанска поддршка во нашата земја.

Тој истакна дека Македонија е заинтересирана да стане членка на Европската унија и максимално работи на тоа поле, фокусирајќи се на две точки: спроведувањето на реформскиот процес и изнаоѓање на заемно прифатливо решение во спорот за името со Грција.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на унгарскиот парламент, г. Михај Бала, информира дека посетата е директно поврзана со нивното претседателство со ЕУ и дека од заклучоците на Европската комисија се гледа дека Македонија има вложено многу напори на евроинтегративниот пат, но дека за жал како пречка останува спорот со името.

Тој потенцираше дека датумот на отпочнување на преговори е многу важно прашање, но тоа е само почеток на едни долги преговори. Притоа, г. Бала нагласи дека Македонија може да смета на поддршката од Унгарија, зашто смета дека е важно да станеме земја-членка на ЕУ.

На крајот, македонската страна изрази благодарност што во времето на претседавање со Европската унија, Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, и покрај збиената агенда, издвои време да биде гостин на македонскиот парламент.

Click