Активности

Четврток, 10 март 2011 година 

Работна средба на претседателите на парламентарните групи за соработка на собранието на република македонија и на државата израел 

Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, по повод отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел, вчера оствари работна средба со г-ѓа Лиа Шемтов, претседателка на Групата за пријателство Израел-Македонија во Кнесетот на Државата Израел.

На средбата присутвуваа г. Павле Трајанов, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел и пратениците-членови на Пратеничката група: г. Александар Спасеновски и г-ѓа Лилјана Поповска. Господин Трајанов на гостите им посака топло добредојде во Република Македонија и им посака пријатен престој меѓу своите пријатели во Македонија. Тој истакна дека со официјалната програма, по повод свеченото отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, за кој македонската влада издвои 17 милиони евра од Буџетот на Република Македонија, Република Македонија покажува длабоко сочувство и почит за страдањето на над 7.000 свои еврејски сограѓани во концентрационите логори за време на Втората светска војна.

Воедно, овој музеј ќе претставува вечен споменик и светилиште за народот на Израел и ќе го опоменува секој негов посетител за злосторствата на еден режим врз невин народ, само поради неприпадноста со своите културни и идентитетски особености кон масата.

Домаќините ги информираа гостите дека Република Македонија уште во 2000 година го донесе Законот за денационализација во кој се содржани 4 посебни одредби кои се однесуваат на враќање на имотите на Евреите и Еврејската заедница во Македонија. Законот има одредба за репатријација на имотите на Евреите кои немаат правни наследници. Во април 2002 година донесена е посебна Одлука на Владата, за формирање на Фонд за холокаустот на Евреите од Македонија, кој има за цел да раководи со отуѓените имоти на поединци кои немаат свои правни наследници. Со тоа, Република Македонија стана една од ретките земји во светот која посветила должно внимание на прашањето поврзано со имотите на Еврејската заедница и нејзините припадници. Всушност, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе биде четврти од таков ранг, по центрите во Ерусалим, Вашингтон и Берлин.

Споделена беше констатацијата дека заедничко за двете држави (Република Македонија и Израел) е тоа што низ историјата и двете држави многу страдале поради воени конфликти и најчесто биле вовлекувани во војна од некоја друга страна.

Гостите беа запознаени дека денес, според расположливите податоци, во Република Македонија живеат околу триесеттина еврејски семејства кои се организирани во Еврејската заедница во Скопје, каде, исто така, функционира и македонско-израелско друштво на пријателството.

На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, кои во изминативе две години бележат позитивен тренд, со релаизирање на неколку посети на највисоко ниво.

Исто така, беше искажано уверување дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план.

Едновремено, беа искажани уверувања за зајакнување на економската дипломатија со оглед дека постојат потенцијали и можности на двете страни. Постои заеднички интерес за соработка во областа на технологијата и размена на идеи за инфраструктурата и туризмот, како и во телекомуникацискиот сектор. На полето на економската соработка, значајно е да се потенцира и успешната неколкугодишна работа на македонско-израелската комора. 

Во текот на разговорите, двострано беше изразена надеж дека односите меѓу двете земји и понатаму ќе се унапредуваат во сите области, а особено на унапредување на парламентарните односи и на натамошна континуирана соработка на ниво на нашите пратенички групи за соработка.
Click