Активности



Понеделник, 14 март 2011 година

За Македонија е многу значајно да продолжи да ги исполнува критериумите за членство во ЕУ

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов и копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Александар Спасеновски, остварија средба со новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. Питер Соренсен.

На средбата, претседателот на Комисијата за европски прашања ја искористи можноста да му посака срдечно добредојде на амбасадорот Соренсен, при што изрази целосна подготвеност за соработка заснована на доверба, пријателство и професионализам во интерес на приближување на Република Македонија кон Европската унија.

Притоа, г. Петар Поп-Арсов се осврна на надлежностите и активностите на Комисијата за европски прашања, оценувајќи дека Комисијата претставува активен институционален чинител во евроинтегративните процеси на Република Македонија.

Тој истакна дека фокусот на Република Македонија е насочен кон добивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, како и максимизирање на напорите за надминување на разликите околу спорот за името. Во тој контекст, нагласи дека реформите што се прават во Република Македонија се во насока на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, како и на внесување на европските вредности, принципи и стандарди во секојдневниот живот на македонските граѓани.

Копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Спасеновски, му посака добредојде на амбасадорот Соренсен и ја поздрави досегашната добра соработка со неговиот претходник во евроинтегративниот процес и активностите на Собранието на Република Македонија.

Во однос на аспирациите за членство во ЕУ, г. Спасеновски нагласи дека во Собранието на Република Македонија, како и во целата држава, постои широк консензус меѓу сите политички партии за остварување на европските цели и споделена одговорност меѓу политичките чинители во Собранието кои раководат со носечките тела за евроинтеграции кои доаѓаат од редовите на позицијата, опозицијата, како и од етничките заедници во држaвата.

Амбасадорот Соренсен изрази задоволство за заедничката средба и меѓусебното запознавање со пратениците што ги водат европските прашања во Собранието на Република Македонија како есенцијален партнер во процесот на евроинтеграции. Тој нагласи дека за Република Македонија е многу значајно да продолжи да ги исполнува критериумите за членство во ЕУ, кои не се ни малку лесни, за да стигне до конкретниот дел на поглавјата во процесот на преговори за пристапување кон ЕУ и дека ќе се залага да ѝ помогне на земјата во тој процес.

На крајот, тројцата соговорници изразија несебична отвореност за натамошна интензивна и тесна соработка на тој план.

Click