Активности

Вторник, 22 март 2011 година 

Средба на г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија со делегација на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија 

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска прими делегација на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, која беше предводена од г. Михај Бала, претседател на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија. Во делегацијата беа и г. Мартон Ѓонѓоши и г. Атила Грубер, потпретседатели на комисијата и г-ѓа Ноеми Корањи, советник. Во составот на делегацјата беше и Н.Е. Ференц Кекеши, амбасадор на Република Унгарија во Република Македонија и г. Атила Пинтер, заменик-шеф на Мисијата во амбасадата.

Во своето воведно обраќање, потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, изрази задоволство од посетата на унгарската делегација, особено што таа се остварува во време на актуелното унгарско претседавање со Европската унија.

Исто така, таа искажа задоволство од досегашните меѓусебни односи и изрази надеж за натамошно продлабочување на истите. Република Македонија континуирано се залага за унапредување на меѓусебната соработка со акцент на парламентарната димензија. Во Собранието на Република Македонија има формирано пратеничка група за соработка со парламентот на Република Унгарија.

Република Македонија е заинтересирана за соработка на економски план, и во таа насока за интензивирање на деловните средби меѓу асоцијациите на двете држави.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, ги запозна гостите дека во овој период во Република Македонија е актуелна дебатата за предвремени избори, особено активности во Собранието, а сè во функција на фер и демократски избори, избор на претседател на Државната изборна комисија, измени и дополнувања на Изборниот законик, формирање на комисија која ќе ја разгледа состојбата со избирачкиот список.

На крајот г-ѓа Светлана Јакимовска се заблагодари за огромното залагање и поддршка на Република Унгарија за укинувањето на визниот режим за граѓаните на Република Македонија и за досегашната поддршка на политички план и на почитување на заложбите на Република Македонија за остварување на евроатлантската цел.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, г. Михај Бала, истакна дека во рамките на унгарското претседателство на 5 и 6 мај 2011 година, ќе се одржи состанок на комисиите за надворешна политика на земјите-членки на Европската унија, на кој едно од прашањата ќе биде и проширувањето на ЕУ и Западен Балкан, и според тоа тие го посетуваат регионот за да ја извршат својата функција.

Исто така, тој истакна дека е сигурен оти и по изборите тенденцијата за евроинтеграцијата ќе биде присутна и дека најдобро би било што поскоро да почнат преговорите меѓу Скопје и Европската унија.

Република Унгарија ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Република Македонија во интегративните процеси.
Click