Активности



Петок, 18 март 2011 година

Средба на Националниот совет за евроинтеграции со европратеникот, г-ѓа Сандра Калниете

Националниот совет за евроинтеграции на Собранието на Република Македонија денеска оствари средба со г-ѓа Сандра Калниете, пратеник во Европскиот парламент и известител за новите политики во областа на земјоделството за новите земји-членки на Европската унија, поранешен министер за надворешни работи на Латвија и поранешен член на Европската комисија задолжена за земјоделство и рибарство.

На средбата, покрај потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија–Европска унија, г. Александар Спасеновски, заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Васко Шутаров, претставници и членови на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и останати пратеници, членови и претставници на Советот и Комисиите.

Во своето воведно обраќање, г-ѓа Силвана Бонева го поздрави присуството на европратеникот, г-ѓа Сандра Калниете и ги запозна присутните со составот и целите на Националниот совет за евроинтеграции, истакнувајќи дека овие активности на Советот се со единствена цел да се даде значаен придонес во процесот на евроинтеграцијата на државата, конструктивно да се придонесе во остварување на стратешкиот интерес на Република Македонија за интегрирање во ЕУ, за кој е постигнат широк политички и граѓански консензус и одржување на големата поддршка на македонските граѓани за членство во Унијата.

Европратеникот, г-ѓа Сандра Калниете, уште еднаш ја потврди поддршката што Европскиот парламент и ја дава на Република Македонија во рамките на евроинтегративниот пат преку неодамна формираната неформална група за поддршка на Република Македонија во Европскиот парламент „Пријатели на Македонија“ и усвоената Предлог-резолуција за напредокот на Македонија, подготвена од словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер, од страна на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, каде беше посочено Македонија веднаш да започне преговори за членство во Европската унија.

На средбата свои излагања имаа и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија–Европска унија, г. Александар Спасеновски, заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Васко Шутаров, г. Панче Дамески, член на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија и г. Димитар Мирчев од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Присутните уште еднаш ја истакнаа важноста земјоделците да го добијат заслуженото внимание во Република Македонија, бидејќи претставуваат битен дел од економијата,  и да им се овозможи со своите производи да конкурираат на отворениот пазар на ЕУ.

Исто така, беше посочено дека Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство се залага за приближување на македонското земјоделство кон заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Click