Активности

Петок, 11 март 2011 година
 
Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија оствари средба со г-ѓа Лиа Шемтов, претседател на Групата за пријателство Израел-Македонија во Кнесетот на Државата Израел 

Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, по повод отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија оствари работна средба со г-ѓа Лиа Шемтов, претседател на Групата за пријателство Израел-Македонија во Кнесетот на Државата Израел.

На средбата гостите ѝ ги пренесоа на г-ѓа Јакимовска своите впечатоци од церемонијата по повод свеченото отворање на Меморијалниот центар на холокуастот на Евреите од Македонија, притоа нагласувајќи дека со овој чин повторно се потврдуваат блиските и пријателски врски меѓу Република Македонија и Државата Израел. Беше подвлечено дека Република Македонија треба да претставува пример и за многу побогати и поразвиени земји во однос на тоа како се справува со предизвиците на мултиетничкото општество, притоа почитувајќи ги сите свои граѓани на достоен начин.

Госпоѓата Јакимовска ги информираше гостите за сите преземени чекори кои доведоа до реализација на оваа хумана идеја со големо цивилизациско значење и истакна дека Република Македонија секогаш настојувала да негува блиски пријателски и добри севкупни политички и економски односи со Државата Израел. Република Македонија уште во 2000 година го донесе Законот за денационализација во кој се содржани 4 посебни одредби кои се однесуваат на враќање на имотите на Евреите и Еврејската заедница во Македонија.  Законот има одредба за репатријација на имотите на Евреите кои немаат правни наследници. Во април 2002 година донесена е посебна Одлука на владата, за формирање на Фонд за холокаустот на Евреите од Македонија, кој има за цел да раководи со отуѓените имоти на поединци, кои немаат свои правни наследници. Со тоа, Република Македонија стана една од ретките земји во светот која посветила должно внимание на прашањето сврзано со имотите на Еврејската заедница и нејзините припадници.

Беа разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за работата и функционирање на законодавниот дом, како и за можностите за натамошна поблиска соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Кнесетот на Државата Израел, особено на ниво на пратенички групи за соработка. Се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, кои во изминативе две години бележат позитивен тренд, со реализирање на неколку посети на највисоко ниво. Исто така, беше искажано уверување дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план, која понатаму ќе има своја позитивна рефлексија и на полето на зајакнување на економската дипломатија со оглед дека постојат потенцијали и можности на двете страни.

Во текот на разговорите едновремено беше изразена надеж дека односите меѓу двете земји и понатаму ќе се унапредуваат во сите области, а особено на унапредување на парламентарните односи и на натамошна континуирана соработка на ниво на пратеничките групи за соработка.
Click