Активности



Вторник, 22 март 2011 година

Местото на Македонија ѝ е во евроатланТските структури 

Унгарија дава целосна поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија и нејзиното место е во евроатлантските структури, потенцираше Делегацијата на претседателството на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Република Унгарија, на средбата со претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи.

Во составот на унгарската делегација беа: г. Михај Бала, претседател на Комисијата; г. Мартон Ѓонѓоши, потпретседател на Комисијата; г. Атила Грубер, пратеник и г-ѓа Ноеми Корањи, советник. Во придружба на Делегацијата беа: Н.Е. Ференц Кекеши, амбасадор на Република Унгарија во Република Македонија и г. Атила Пинтер, заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата.

На средбата учествуваа и членовите на Комисијата за надворешна политика во македонското собрание: г. Владимир Ѓорчев, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Васко Шутаров и г. Павле Трајанов.

Госпоѓа Теута Арифи во воведното излагање изрази задоволство што средбата се реализира во време кога Унгарија претседава со Европската унија и посетата ја смета како поддршка за евроатлантските амбиции на нашата земја.

Таа се осврна на три моменти, а тоа се: внатрешната политичка состојба, која е во една предизборна атмосфера; потоа евроинтеграциите како битен приоритет за македонските граѓани, кои се задржуваат поради спорот за името со Грција; како и состојбата на Западен Балкан, за кој евроинтеграциите се вистинското решение.

Притоа, г-ѓа Арифи се заблагодари за користењето на уставното име на Република Македонија од страна на Унгарија во меѓународните односи.

Од своја страна, г. Михај Бала се согласи дека конечната стабилност на поширокиот регион е во евроатлантската перспектива и изрази уверување дека Македонија има поддршка на европскиот пат од сите унгарски партии.

Тој истакна дека нашата земја направи многу напори да ги исполни критериумите кои се бараа од неа и има постигнато голем напредок , но исто така треба да биде подготвена за маратонски преговори, како еден тежок процес.

Господин Бала изрази надеж дека политиката на проширување на ЕУ ќе го покрие и овој регион.

Двете страни изразија задоволство од односите меѓу Унгарија и Македонија, кои се на едно високо пријателско ниво и очекување дека соработката меѓу двата парламенти ќе продолжи и во иднина.

Click