Активности



Петок, 4 ноември 2011 година

Единаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Единаесеттата седница, одржана на 31 октомври и 2 ноември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:  

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (прво читање);
  • Предлогот на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација (прво читање):      
  • Предлогот на законот за субвенционирање на станбен кредит (второ читање).

Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања и Предлогот на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- По поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања,  заменик-министерот за финансии истакна дека предложените измени и дополнувања се со цел да се овозможи организирање на улична продажба на инстант лозовите што се употребуваат при приредување на играта на среќа „инстант лотарија“ и томболските картички што се употребуваат при приредување на играта на среќа „томбола“ од страна на Државната лотарија на Македонија.

Имено, бидејќи Државната лотарија на Македонија има за цел да ангажира невработени лица од загрозени социјални категории, како што се самохрани родители, хендикепирани лица и други, за продажба на инстант лозови и картички за томбола, се предлага дополнување на членот 9 од постојното законско решение, со тоа што обврската за воведување и користење на одобрен систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања нема да се однесува и на лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на среќа, од типот инстант лотарија, како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа, од типот томбола.

Истовремено, поради зајакнување на фискалната дисциплина во Република Македонија, намалување на даночната евазија и поголемо почитување на одредбите од Законот, се предлага кај постапката при изрекување на прекршочните санкции, глобите во делот на прекршоците од најризичната  категорија, да се зголемат и истовремено да се зголеми времетраењето на привремената мерка забрана за вршење на дејност изречени на правните и физичките лица по констатирање на недостатоци во работењето, како во  нивните деловни простории, така и  во делот на вршење на пооделна дејност.

Во расправата по Предлог-законот учествува пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Изет Зеќири, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Стојко Пауновски, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Драган Цуклев и г. Самка Ибраимоски.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“, заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, г. Рамизи истакна дека со него се уредува начинот и постапката на издавање на обврзниците за денационализација, кои се даваат како надомест за имотот одземен во корист на државата, врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста, врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и одземање без правна основа.

Во Законот за издавање на обврзници за денационализација е утврдено дека Република Македонија во наредните десет години ќе врши еднаш годишно по една емисија на обврзници за денационализација.

Како резултат на продолжениот рок за доставување на барања за денационализација до крајот на 2007 година, се зголеми и бројот на поднесените барања за денационализација и се продолжи периодот за одлучување по истите.

Имајќи предвид дека во текот на 2011 година се донесени нови решенија за денационализација и дека остануваат нерешени 272 предмети за прв пат кои треба да бидат решени до крајот на 2012 година, како и заради тоа што по првостепените решенија за денационализација во тек се второстепени управни постапки и постапки пред управен суд, потребно е зголемување на бројот на емисиите на обврзници за денационализација од десет на дванаесет емисии.

Во претресот по предложениот закон учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Неџати Јакупи, г. Изет Зеќири, г. Стојко Пауновски и г. Самка Ибраимоски.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на законот за субвенционирање на станбен кредит, беа поднесени и разгледани вкупно 17 амандмани, од кои 1 беше усвоен, 14 не се усвоија, а 2 беа повлечени.

Врз основа на членот 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на Предлог-законот за субвенционирање на станбен кредит, на предлог на пратеникот Миле Андонов, Комисијата за финансирање и буџет поднесе 1 амандман кој и едногласно го усвои.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон за субвенционирање на станбен кредит.

Click