Активности



Понеделник, 5 декември 2011 година

Дванаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дванаесеттата седница одржана на 14, 15, 16, 21, 24, 28, 29, 30 ноември, 1, 2 и 3 декември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година;
  • Предлогот на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година (по скратена постапка);     
  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите (по скратена постапка).

- Воведно образложение по Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески, кој истакна дека Буџетот за 2012 година е планиран врз основа на состојбите во македонската и европската економија  и истиот е во функција на задржување на позитивните стапки на економски раст, подобрување на економската инфраструктура и одржување на висок степен на социјална стабилност.

Буџетот за 2012 година е проектиран врз основа на очекуван раст на економијата од 4,5%.

Фискалната политика за 2012 година е насочена кон зачувување на макроекономската стабилност и поддршка на македонската економија, преку подобрување на квалитетот на јавните финансии со зголемен обем на капитални инвестиции.

Инфлацијата е проектирана на ниво од 2,5%, што значи се очекува низок умерен раст на цените. Девизниот курс на денарот ќе биде стабилен, а девизните резерви ќе останат на солидно  ниво кое ќе обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот.

Во Буџетот за 2012 година се планира одржување на низок и контролиран дефицит од 2,5% од планираниот БДП, кој е под мастришкиот критериум (3% од БДП), согласно актот за раст и стабилност на ЕУ. 

Ниското ниво на буџетски дефицит на краток рок  ќе  овозможи активирање на автоматските стабилизатори на економијата и Буџетот ќе влијае антициклично, односно во функција на поддршка на економската активност во услови на криза и потенцијална рецесија во македонската економија.

Истовремено, на среден рок, умереното ниво на буџетски дефицит нема да ги загрози основните цели на фискалната стратегија и на Стратегијата за управување со јавен долг.

Република Македонија ќе остане земја со низок државен долг кој во моментот изнесува 26% од БДП.

Главните ризици за фискалната издржливост во 2012 година произлегуваат од состојбите во европската економија. Економската и финансиската криза во 2011 година прерасна во должничка криза во Грција и Италија и можноста истата да се прелее во останатите земји е реална. Состојбата во европската економија е сериозна и  влијае на макроекономските политики во државата. Од тие причини Буџетот на Република Македонија за 2012 година содржи елементи на флексибилност со цел да може да се адаптира на новонастанатите состојби и ризици доколку е потребно. Главен амортизер во оваа насока е планираното ниво на буџетски приходи.

Имено, и покрај очекувањата за потенцијалниот екомски раст на економијата за 4,5% и инфлација од 2,5 % или вкупно 7% номинален раст на економијата, приходите се проектирани поконзервативно, односно планиран е пораст за 5,7%, а соодветно на тоа се проектирани и расходите. Ова ќе овозможи македонската економија соодветно да одговори на евентуалните ризици од продлабочување на економската криза.

Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2012 година се планираат на ниво од 32,1 % од БДП, додека вкупните буџетски расходи на ниво од 34,6% од БДП. Даночните приходи се очекува да се зголемат за 7,9%, со доминантно учество на приходите по основ на ДДВ, што соодветствува на очекуваното стабилизирање на потрошувачката и порастот на извозот и увозот. Останатите даноци се планирани на непроменето ниво согласно политиката за ниски стапки на социјални придонеси, односно стапка на персонален данок na доход од 10% и ослободување од обврската за плаќање на данок na добивка доколку истата се реинвестира или задржи за понатамошни инвестиции.

Расходната страна на Буџетот за 2012 година е планирана во функција на одржување на социјалната сигурност и стабилност. Во 2012 година продолжува спроведувањето на дисциплинирана буџетска потрошувачка во насока на рестриктивна и ригорозна контрола на непродуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестиционите вложувања во капитални проекти.

Во рамките на вкупните расходи, значително е подобрена структурата и квалитетот на расходите со поголемо учество на капиталните расходи и тоа од 13,1% во 2011 на 16% во 2012 година, за сметка на тековните расходи, чие учество се намалува.

Расходите за исплата на плати се планирани на исто ниво и истите се во согласност со продолжување на политиката за замрзнување на новите вработувања, освен вработувањата согласно Охридскиот рамковен договор.

Почнувајќи од декември 2012 ќе започне реализацијата на етапно зголемување на платите во јавниот сектор за 5%.

Во рамките на социјалните трансфери, предвидени се средства за редовна и навремена исплата на пензии, надоместоци за невработени лица, здравствени услуги како и исплата на социјални надоместоци.

Вкупните средства за овие намени во 2012 се планирани на повисоко ниво за 1,2%, во однос на 2011 година, при што се обезбедени средства за редовна и навремена исплата на пензии во износ од 37 милијарди денари за вкупно 287.200 корисници на пензии, како и трансфер до приватните пензиски фондови во износ од 3 милијарди денари.

Истовремено, обезбедени се средства за редовно и навремено покривање на законските права на корисниците на социјална и детска заштита, како и средства за функционирање на постојните дневни центри и народни кујни, како и средства за субвенционирање на трошоците за затоплување на најзагрозените категории на граѓани.

Во однос на распределбата на средствата по буџетски корисници, најголемо зголемување има во Министерството за образование, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта.

Расходите за субвенции и трансфери вклучуваат  зголемен износ на субвенции во земјоделието за 15 милиони евра, односно во вкупен износ од 130 милиони евра. Зголемениот обем на субвенции, како и средствата од ИПАРД програмата ќе обезбедат натамошно зајакнување и поддршка на овој сектор и негова успешна интеграција во ЕУ.

Капиталните расходи се предвидени во износ од 26 милијарди денари, односно на повисоко ниво од 29% во однос на 2011 година, со цел остварување и одржување на планираните позитивни стапки на раст.

Во овие рамки предвидени се значајни инвестициони вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во образовниот, социјалниот и здравствениот систем, земјоделието, зaштитата на животната средина и правосудството.

Во текот на 2012 година во областа на патната и железничката инфраструктура предвидени се капитални инвестиции во износ од околу 7,5 милијарди денари и истите се планирани на повисоко ниво од 42% во однос на 2011 година.

Во овие рамки вклучени се средства за  реализација на Проектот за изградба на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија – Смоквица, со кој се предвидува изградба на нова модерна автопатска делница, со што ќе се комплетира главната оска од Коридорот 10. Овој проект е предвидено да се финансира од сопствени средства, користење на кредитно задолжување и средства од ИПА фондовите.

Проектот за изградба и рехабилитација на магистрални, регионални и локални патишта ќе се финансира од сопствени средства и кредитни линии од Светска банка и ЕБРД.

Во областа на железничкиот сообраќај, се планира отпочнувње  на Проектот за доизградба на железничкиот Коридор 8, кој има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море, од каде произлегува и големата стратешка и економска важност на овој проект.

Во енергетската област и комуналната инфраструктура, планирани се капитални инвестиции во износ од околу 2 милијарди денари. Предвидено е започнување на гасоводниот систем, финансирање на изградба на водоводни и канализациони системи во повеќе општини со средства од сопствени извори и повлекување на кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката.

За уредување на технолошко индустриски развојни зони, во Буџетот за 2012 година планирани се средства во износ од 518 милиони денари, кои ќе обезбедат изградба на инфраструктурни објекти и геомеханички истражни работи во зоните.

Во областа на здравствениот сектор планирани се инвестиции од околу 2,5 милијарди денари кои се однесуваат на проект за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи финансиран од буџетски средства и средства од Банката за развој при Советот на Европа во функција на подобрување на условите во здравствените установи, изградба на амбуланти во рурални средини, набавка на медицинска опрема и амбулантни возила, како и имплементација на интегриран здравствен систем.

Во областа на образованието, детската заштита и спортот, капиталните инвестиции планирани се на ниво од околу 2,4 милијарди денари наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабoраториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура.

Со цел зајакнување на земјоделскиот сектор, планиран е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од околу 1,3 милијарди денари за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизацијата на земјоделски стопанства, преструктуирање и надградба со цел исполнување на стандардите на ЕУ.

Финансиските средства за проектираниот дефицит од 2,5% и отплатата на долговите кон странство главно ќе се обезбедат од странски извори, преку користење на кредити од меѓународни институции или евентуално издавање на еврообврзница, како и од домашни извори.

По Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година на комисијата беа поднесени вкупно 415 амандмани, од кои 3 беа усвоени.

Комисијата со  8  гласа „за”  и  4 „против”, заклучи согласно член 180 од Деловникот на Собранието на Република Македонија дека е потребно Владата да подготви Дополнет предлог на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, кој претставува нов интегрален текст во кој ќе ги вгради амандманите кои ги усвои Комисијата.

- Во однос на Предлогот на законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, беа разгледани вкупно 22 амандмани од кои 1 амандман не беше усвоен, а 21 амандман е повлечен од овластениот предлагач, г. Изет Зеќири.

Комисијата со осум гласа „за“ и три „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите, Комисијата со седум гласа „за“ и три „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите.

Click