Активности



Понеделник, 5 декември 2011 година

Петнаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Петнаесеттата седница, одржана на 30 ноември 2011 година, како матично работно тело, во прво читање ги разгледа:

  1. Предлог-законот за дополнителна супервизија на финансиски конгломерат;
  2. Предлог-законот за вложување на Република Македонија во акционерскиот капитал на Европа Ре;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за платниот промет;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон;
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа;
  6. Предлог-законот за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања;
  7. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки;
  8. Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за осигурување од природни катастрофи.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за дополнителна супервизија на финансиски конгломерат, заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи, истакна дека новите развојни движења на финансиските пазари доведоа до создавање финансиски групи кои обезбедуваат услуги и продукти во различни сектори на финансиските пазари, наречени финансиски конгломерати.

Ако таквите конгломерати, а особено кредитни институции, друштва за осигурување и инвестициски фирми, кои се дел од конгломератот, се соочуваат со финансиски тешкотии, тоа би можело сериозно да го дестабилизира финансискиот систем и да влијае на поединечните депоненти, имателите на полиси за осигурување и инвеститорите.

Во оваа насока, ЕК посебен акцент дава на развивањето на дополнително прудентно законодавство за финансиски конгломерати кое се однесува на  празнините во сегашното секторско законодавство и дополнителните прудентни ризици за да се осигураат цврсти супервизорски постапки во однос на финансиски групи со меѓусекторски финансиски активности.

Согласно НПАА, Република Македонија презеде обврска до крајот на 2011 година да го усогласи своето законодавство со Директивата 2002/87/ЕК за вршење дополнителна супервизија на кредитни институции, друштва за осигурување и инвестициски фирми во финансиски конгломерат.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за вложување на Република Македонија во акционерскиот капитал на Европа Ре, г. Рамизи образложи дека Светската банка подготви и на земјите од регионот им понуди Проект за осигурување од катастрофи  во регионот.

Проектот предвидува создавање на специјализирана регионална компанија за реосигурување на ризиците од катастрофи - Европа Ре, која ќе биде во сопственост на земјите од Југоисточна Европа и Кавказ. Компанијата ќе работи според стандардите на швајцарското право, а управувањето ќе биде доверено на експерти од областа на осигурувањето. 

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот  на закон  за  изменување  на  Законот  за  платниот  промет, заменик-министерот за финансии истакна дека со измените се предлага продолжување на рокот до кој учесниците во платниот промет кои имаат блокирани трансакциски сметки ќе можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните побарувања и обврски. Со предложената одредба субјектите кои имаат блокирани сметки, меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг, можат да го вршат до 31 декември 2013 година.
            
Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон, во воведното образложение, г. Рамизи рече дека предложените измени се во насока на ослободување од плаќање на увозни давачки за спортска опрема и реквизити кои спортските федерации во Република Македонија ги добиваат како подарок од странски донатори,  како и увезена спортска опрема и реквизити купени со парични средства добиени како подарок.

Истовремено, се предлага одложување на примената на одредбите кои се однесуваат на ставање во функција на новиот систем за електронска обработка на царинските декларации (СОЦД) и одредбите кои се однесуваат на формите на гаранциите, начинот на нивната употреба и начинот и постапката за одложување на плаќањето на царинскиот долг.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа, заменикот на министерот за финансии истакна дека со измените се предлага намалување на царинските давачки за одредени репроматеријали и производи, со цел да се намалат трошоците за производство, а во насока на зголемување на конкурентноста и продуктивноста, пред сè во земјоделието, прехранбената, кондиторската, металопреработувачката и автомобилската индустрија, транспортниот сектор и спортот и физичката култура.

Предложените измени се во насока на  подобрување на бизнис климата во Република Македонија. Со намалувањето на царинските давачки  директно ќе се влијае врз, а воедно ќе се поттикне развојот на спортот и физичката култура.

Намалувањето на царинските давачки ќе се врши сукцесивно, така што од 1 јануари 2012 година ќе се намалат царинските давачки за семенски материјали, бел шеќер, суровиот шеќер, меласа, полупроизводи за добивање на крцкави прехранбени производи, мотокултиватори и спортски реквизити,  додека од 1 јануари 2013 година ќе се намалат царинските давачки за алатни машини, репроматеријали за производство на резервни делови во автомобилската индустрија, фолија од поли, автобуси и минибуси како и товарни вагони за железнички транспорт.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, г. Недим Рамизи истакна дека даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат, должни се да воведат и користат фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата.

Со законот се регулира и дека даночниот обврзник е должен, на видно место, да постави соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка.

Со цел заштита на интересите на граѓаните како крајни потрошувачи на услугите и добрата кои ги нудат даночните обврзници кои вовеле и користат одобрен фискален систем на опрема, како и заради зајакнување на фискалната дисциплина на тие даночни обврзници, со овие дополнувања во законот се предлагаат активности кои првенствено би придонеле за подигање на свеста кај граѓаните за своите законски права. Истовремено, со предложените мерки дополнително се потенцира големата одговорност на  даночните обврзници при издавањето на фискалните сметки.

Комисијата со шест гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменик-министерот за финансии во образложението по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, истакна дека потребата од негово изготвување е резултат на техничко подобрување и воведување на нови механизми кои дополнително ќе го унапредат системот за јавни набавки на Република Македонија.

Постапувајќи според Програмата на Владата на Република Македонија и усвоениот Акциски план се предлага задолжителна објава и е-аукции за набавките до 5.000 евра, односно досегашните барања за прибирање на понуди без објавување на оглас.
Исто така, се предлага воведување негативни референци на компаниите кои неквалитетно и ненавремено ги извршуваат договорите за јавни набавки.

Со цел да се обезбеди финансиска самоодржливост на софистицираниот  Електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН), како и заради негово натамошно надградување и усовршување, се воведува основ за донесување тарифник за неговото користење, кој ќе биде донесен од страна на министерот за финансии, а средствата ќе бидат приход на Бирото за јавни набавки и ќе се користат за унапредување и развој на системот за јавни набавки.

Со цел имплементирање на препораките на Европската комисија, се  воведува систем на задолжителна сертификација на лица кои работат на јавните набавки. На овој начин, покрај имплементација на забелешките, ќе се зголеми одговорноста на лицата при спроведувањето на јавните набавки. 

Исто така, ќе се имплементира и предлогот од денот на идеи организиран од страна на Владата на Република Македонија, поврзан со задолжителноста на обуките што ги организира Бирото.

Се предлага воведување квалификациски систем како посебен начин за доделување на договори за јавни набавки кај секторските договорни органи, со што ќе се зголеми ефикасноста на истите.

Измени се предлагаат и во делот на правната заштита, во насока на зголемување на сигурноста на оние економски оператори кои сметаат дека при спроведување на одредени постапки за доделување на договори за јавни набавки се повредени нивните права.

Воедно, се пропишуваат нови надлежности на Комисијата за жалби по јавни набавки во поглед на одлучувањето по жалби во постапките за доделување на договорите за концесии и јавно-приватни партнерства, со што се  регулира правната заштита и во оваа област.

Комисијата со седум гласа „за" и три „воздржани" заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за осигурување од природни катастрофи, г. Рамизи образложи дека за реализација на овој Проект, Светската банка ќе ѝ додели заем на Република Македонија во износ од 5 милиони УСД долари со тоа што средствата ќе се искористат како влог во Европа Ре. Заемот ќе се отплаќа од Буџетот на Република Македонија.

Целта на проектот е да се олесни пристапот на домаќинствата, земјоделците и малите и средни претпријатија до услугата осигурување од природни катастрофи и да се овозможи ефикасна заштита од загуби предизвикани од природни катастрофи.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click