Активности

Среда, 26 октомври 2011 година, Тирана 

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше на Конференција на Јадранската група 

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од Талат Џафери, а во која учествуваа и Веле Ѓорѓиевски, Орхан Ибраими, Мерал Узеири Ферати, Сафет Бишевац и Ермира Мехмети-Деваја, учествуваше во работата на Конференцијата на Јадранската група, која се одржа од 24 до 25 октомври 2011 година во Тирана, Албанија.

Конференцијата ја отвори Леонард Деми, претседател на Комисијата за одбрана на Парламентот на Република Албанија, а на отворањето обраќања имаа и претседателот на Парламентот на Албанија, Јозефина Топали, премиерот на Албанија, Сали Бериша и амбасадорот на САД во Албанија,  Александар Арвизу.

Госпоѓа Топали во нејзиното обраќање истакна дека Албанија секогаш е подготвена да придонесе за мирот и безбедноста на регионот. Таа, исто така, проширувањето на НАТО со земјите од Западен Балкан го оцени како историски процес кој придонесува за развојот на мирот и пријателската соработка во целиот регион.

Премиерот Бериша изрази благодарност кон оние кои помогнаа во формирањето на Јадранската група со потпишувањето на Јадранската повелба во Тирана на 2 мај 2003 година. И тој се заложи за побрзо интегрирање на целиот регион во НАТО алијансата.

Амбасадорот на САД, Арвизу, изјави дека САД се посветени на земјите од регионот и на Јадранската група. Според него, учеството на земјите од регионот во мисиите на ИСАФ покажуваат дека земјите станаа искрени и доверливи придонесувачи на глобалниот мир.

На седницата, свое обраќање имаше и Талат Џафери, кој истакна дека од осамостојувањето во 1991 година, Република Македонија е цврсто посветена кон интегрирање во НАТО и ЕУ. Тој, исто така, рече дека Македонија е активен поддржувач на регионалните иницијативи и процеси, и преку нив, активно ја манифестира политичката волја за силна регионална соработка.

 

 

 
Click