Активности



Четврток, 6 октомври 2011 година

Баварија ѝ дава континуирана поддршка на Македонија во евроинтеграциите

Баварската парламентарна делегација од Комисијата за сојузни и европски прашања, предводена од г-ѓа Урсула Манле, во посета на Собранието на Република Македонија, оствари одделни средби со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска; претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини и заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Александар Николоски.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, на почетокот на средбата, во свое и во име на сите пратеници од Македонското собрание ѝ посака добредојде на Баварската парламентарна делегација, во еден важен момент кога следната недела треба да биде презентиран Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2011 година.

Воедно, г-ѓа Шекеринска во своето обраќање се осврна на составот, целите и работата на Националниот совет за евроинтеграции. Присутните разменија мислења и во однос на тоа како граѓаните ја перцепираат моменталната ситуација пред Извештајот и реакциите по добивање на Извештајот, дали општеството има високи очекувања и кои би биле последиците, ако не бидат исполнети. Исто така, беше разговарано и за тоа какво влијание имаат работата на Националниот совет за евроинтеграции, од една страна, и на Парламентот, од друга страна, врз работата на Владата во донесување на главните одлуки во однос на ЕУ прашањата.

Во рамките на средбата на претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, со Баварската парламентарна делегација, тој искажа благодарност за несебичната поддршка која Сојузна Република Германија ѝ ја дава на Република Македонија на патот кон евроинтеграциите.

Претседателот Мисини, на интерес на гостите, ги запозна со целосната работа на Комисијата за европски прашања, притоа потенцирајќи дека нема друга алтернатива за Република Македонија, освен членство во ЕУ, затоа што тоа е во интерес и на позицијата, и на опозицијата, и на сите граѓани на нашата земја и сите со заедничка работа треба да се изборат за него.

Тој изрази надеж дека Македонија и Германија и понатаму ќе останат пријатели и заедно ќе го истуркаат евроинтегративниот процес напред.

Заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Александар Николоски, изрази задоволство од средбата со Баварската делегација, како и од меѓусебните традиционално пријателски односи, интензивната комуникација помеѓу двете земји на сите нивоа, и го истакна значењето на парламентарната соработка во унапредувањето на билатералните односи.

Исто така, тој ја потенцираше поддршката на Баварија во инкорпорирањето на Република Македонија во приоритетните проекти поврзани со Дунавската стратегија.

Присутните разменија мислења по прашањето за актуелната односи на Република Македонија со сите поранешни југословенски републики, вклучувајќи ги тука Бугарија и Албанија.

Госпоѓа Урсула Манле, изрази задоволство од остварените средби, истакнувајќи дека и покрај тоа што се Делегација од Баварскиот покраински парламент, која ја сочинуваат претставници од различни политички партии, кои се разбира дека имаат различни ставови, по прашањето за ЕУ се единствени.

Таа потсети дека постои Баварско-македонска комисија, која е посветена на реформите и чии резултати се доста позитивни, како и на тоа дека од неодамна е формирано и Баварско-македонско здружение, преку кое може да се иницираат доста работи.

Click