Активности



Понеделник, 17 октомври 2011 година, Берн
 
Учество на делегација на Собранието на Република Македонија на 125. Собрание на Интерпарламентарната унија

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г. Јани Макрадули, шеф на делегацијата, г-ѓа Силвана Бонева, г. Талат Џафери, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши, членови на Делегацијата, учествува на 125. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 16 до 19 октомври 2011 година во Берн, Швајцарија. 

Собранието го прогласи за отворено претседателот на Швајцарската Конфедерација г-ѓа Мишлин Калми-Реј, која ја нагласи историската поврзаност на Интерпарламентарната унија со Швајцарија, како и поддршката што оваа држава континуирано ја пружа на ИПУ. Осврнувајќи се на улогата на Интерпарламентарната унија во разрешувањето на предизвиците со кои се соочуваат државите и меѓународната заедница, г-ѓа Калми-Реј изрази уверување дека огромното присуство на јулбилејното собрание на ИПУ во Берн е цврст доказ за довербата што пратениците ја имаат во светската организација на парламентите. 

На свеченото отворање на учесниците им се обратија: г. Бан Ки-Мун, генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации, г. Тео-Бен Гурираб, претседател на Интерпарламентарната унија, г. Жан-Рене Жермание, претседател на Швајцарскиот национален совет (Долниот дом на Парламентот), г. Ханшаири Индеркум, претседател на Швајцарскиот совет на држави (Горниот дом на Парламентот) и г. Александер Чепет, градоначалник на Берн.

Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации г. Бан Ки-Мун се осврна на приоритетите на ООН на полето на одржливиот развој, демократијата, човековите права, мирот, положбата на жените и младите, како и улогата на Интерпарламентарната унија и националните парламенти во справувањето со овие предизвици. Потсетувајќи дека Повелбата на ООН започнува со зборовите: „Ние, народите...“, г. Бан Ки-Мун нагласи дека пратениците на ИПУ ги претставуваат гласот, надежите и волјата на народите.    

На седницата на Управниот совет на Интерпарламентарната унија, што се одржа денеска, беше презентиран извештајот за активностите на членките на Унијата, во кој во повеќе наврати се истакнати активностите на Собранието на Република Македонија

На 125. јубилејно Собрание на ИПУ учествуваат околу 1.400 претставници од повеќе од 130 земји. Во дневниот ред на Собранието се предвидени дискусии во врска со скорешните настани на Блискиот Исток и Северна Африка, нуклеарното разоружување, регулирањето на финансиските пазари, глобалното владеење, пристапот до здравствена грижа за жените и децата и сл.

Се очекува членовите на Собранието да изберат нов претседател на Интерпарламентарната унија, со мандат од три години.

Интерпарламе­н­тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 157 национални парламенти и девет меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click