Активности



Петок, 7 октомври 2011 година, Дубровник

Безрезервна поддршка за целосна интеграција на земјите од регионот во евроатлантските структури

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав г-ѓа Ана Павловска-Данева, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и г. Зиадин Села, членови на Делегацијата, учествува на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува од 7 до 10 октомври 2011 година во Дубровник, Хрватска.

Во рамките на Есенското заседание, на кое учествуваат повеќе од 200 пратеници од 50 земји учеснички во ОБСЕ и пет земји Медитерански партнери, ќе се одржат: Парламентарна конференција на тема: „Регионалниот развој во Југоисточна Европа - предизвици, можности и перспективи“,  седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум.

На свеченото отварање на Заседанието на пратениците им се обратија: г. Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска; г-ѓа Јадранка Косор, премиер на Хрватска; г. Лука Бебиќ, претседател на Хрватскиот парламент; г. Петрос Ефтимиу, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и г. Тонино Пицула, потпретседател на ПС на ОБСЕ и шеф на Хрватската делегација во ПС на ОБСЕ.

Тие го истакнаа значењето на парламентарната дипломатија и Парламентарното собрание на ОБСЕ и ја поздравија одлуката Есенското заседание на собранието да биде посветено на регионалниот развој во Југоисточна Европа. Истовремено, беше нагласена безрезервната поддршка за целосна интеграција на земјите од регионот во евроатлантските структури.

На првата сесија на тема: „Предизвици и грижи за Југоисточна Европа: улогата на ОБСЕ“, воведничари беа шефовите на Мисиите и канцелариите на ОБСЕ во Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.

Во дискусијата на оваа сесија стана збор за развојот на доброто владеење и борбата против корупцијата во регионот, спроведувањето на правото, слободата на медиумите, враќањето на внатрешно раселените лица и бегалците, трговијата со луѓе, како и улогата и придонесот на ОБСЕ во овие области.

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Ана Павловска-Данева, се осврна на имплементацијата на законодавството за борбата против корупцијата, како проблем со кој се соочуваат сите земји од регионот.

Таа се заложи за развој на проект во кој ќе учествуваат експерти од регионот и пошироко, во кој ќе бидат анализирани најдобрите практики и искуства на овој план, со цел да се зајакне улогата на телата за борба против копупцијата во земјите на Југоисточна Европа. Оваа идеја беше поздравена и прифатена од шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г. Ралф Брет.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 320 парламентарци од 56 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click