Активности



Среда, 28 септември 2011 година, Братислава
 
Македонија треба да биде дел од Европската унија
 

Делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Хајрула Мисини, претседател и членовите г-ѓа Силвана Бонева, г-ца Маринела Тушева и г. Орхан Ибраими, што се наоѓа во дводневна посета на Братислава, денеска имаше средба со Делегацијата на Комисијата за европски прашања на Националниот совет на Република Словачка, предводена од претседателот на Комисијата, г. Иван Штефанец.

На средбата беше потврдена поддршката што Република Словачка ѝ ја дава на нашата земја на патот кон Европската унија, при што беше истакнато дека Македонија треба да биде дел од ЕУ, што претставува официјална политика на Словачка, зад која стојат сите политички партии во земјата.

Во врска со грчката блокада, беше искажан став дека нашето евроинтегрирање не е само во интерес на Македонија, туку и на Грција.

Во рамките на разговорот беа разменети мислења за евроинтегративните процеси на двете пријателски земји, со посебен акцент на евроинтегративниот пат на Словачка, нивните практики и искуства во претпристапниот период кон ЕУ, како и во текот на преговорите.

Македонската делегација денеска имаше средба и со г-ѓа Андреа Елешкова-Матисова, шеф на претставништвото на Европската комисија во Словачка, како и со претставници на Информативната служба на Европскиот парламент во Словачка.

Click