Активности



Среда, 12 октомври 2011 година

Четврта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Четвртата седница, одржана на 10 октомври 2011 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за концесии и јавно приватно партнерство;
  2. Предлогот на закон за Европски економски интересни заедници.

- Образложение на Предлогот на закон за концесии и јавно приватно партнерство даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Костеска.

Беше истакнато дека целта на предложениот закон е со истиот да се обезбеди целосно усогласување со законодавството на Европската унија во областа на јавното приватно партнерство и концесии, односно донесување на соодветна законска легислатива како неопходна претпоставка за зголемување на инвестициите и обезбедување на побрз и подинамичен економски развој.

Република Македонија и досега имаше Закон за концесии и јавно приватно партнерство, којшто во Извештајот на Европската комисија секогаш беше нотиран дека има потреба од дополнителни усогласувања.

Од тие причини, во соработка со СИГМА се подготвуваше и правеше детална анализа на веќе постоечкиот закон и се даваа конкретни забелешки и сугестии за изработка на еден нов конзистентен текст којшто ќе биде целосно усогласен со европското законодавство.

Во таа смисла, за да се постигне задоволителното ниво на усогласеност со европското законодавство во областа на концесиите и јавното приватно партнерство, се подготви текстот на овој Предлог-закон, во кој соодветно е имплементирана директивата 2004/18/ на Европската заедница, прифатена на 31 март 2004 година.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на закон за концесии и јавно приватно партнерство во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во образложението на Предлогот на закон за Европски економски интересни заедници, заменик министерот за економија истакна дека со него се овозможува доследна примена на Регулативата на Советот за Европска економска интересна заедница бр. 2137 од1985 година и основната цел е усогласување со правото за трговските друштва на Европската унија.

Предлог-законот се темели на начелата содржани во Регулативата за Европските економски интересни заедници, односно еднаквост и достапност за сите физички лица, трговски друштва, правни лица на можноста да основаат Европски економски интересни заедници, во согласност со целите на овој Предлог на закон, забрана за основање и вршење на активности на заедницата спротивни на јавниот интерес пропишан со закон, јавност во смисла на обелоденување на сите релевантни податоци за заедницата заради заштитата на правата на трети страни, односно доверители, неограничена и солидарна одговорност на членовите на заедницата за обврските на заедницата, вклучувајќи ги и оние поврзани со даноците или социјалното осигурување и слобода на пренос на седиштето на Европските економски интересни заедници.

Со оглед на директната примена на Регулативата за Европските економски интересни заедници, Предлогот на закон, по примерот на националните законодавства на сите земји-членки, на истите има делокруг на примена единствено за прашањата за кои со Регулативата изречно е упатено дека земјите-членки со национални прописи е потребно да извршат доуредување на материјата, согласно нивните специфични услови.

Во контекстот на Република Македонија, со Предлогот на закон е извршено усогласување со Законот за трговските друштва, каде стопанските интересни заедници се уредени и кои со овој предлог-закон се еднакви по својот правен статус.

Во таа смисла, се искористува опцијата која ја допушта Регулативата на Европска економска интересна заедница да има својство на правно лице, да има исти права и должности како стопанските интересни заедници, во називот задолжително да стои кратенката ЕЕИЗ, се искористува опцијата за утврдување на услови под кои може да се основа и да се управува со истите и исти се условите како за основање и управување со трговски друштва и се прецизира дека покрај документите кои треба да ги има Европска економска интересна заедница за да се смета за основана, истите треба да бидат поднесени на начин и во постапката која е пропишана со прописите за трговски друштва и едношалтерски систем, а кои важат спрема стопанските интересни заедници  За сè останато во врска со Европските економски интересни заедници, директно се применува Регулативата.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на закон за европски економски интересни заедници во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click