Активности



Петок, 21 октомври 2011 година

Четврта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Четвртата седница, одржана на 19 октомври 2011 година, како заинтересирано работно тело го разгледа:

  • Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството;

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и г-ѓа Светлана Томеска-Мицкова, претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Министер Димовски го образложи Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството во своето излагање поединечно ги образложи трите поглавја 11, 12 и 13 од Извештајот, при што укажа дека со истиот е нотиран забележителен напредок во сферата на земјоделството и руралниот развој, а како позитивно е оценето усвојувањето на легислативата и зголемените инвестиции.

Тој посебно ги истакна констатациите дека целосно е во функција интегрираниот административен и контролен систем (ИАКС), со нагласен акцент на фактот дека Република Македонија има добар напредок во катастарската евиденција, што изнесува 99% од целокупната површина на земјата, како и тоа дека регистарот на фарми е целосно функционален.

Посебно беше истакнато дека во Извештајот е нотиран недоволен број на вработени во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, но сепак во Агенцијата има доволно вработени соодветно едуцирани лица за  извршување на задачите, што се гледа и од констатацијата дека е постигнат значителен напредок компарирајќи го истиот со Извештајот од 2010 година.

Во Извештајот е нотиран значителен напредок во сферата на законодавството и хармонизацијата на истото со европското, што е за посебно потенцирање како виден напредок изнесен во Извештајот за 2011 година.

Направен е значителен напредок во сите сегменти од оваа сфера во споредба со Извештајот за 2010 година. Треба да се потенцира дека Република Македонија посветува доволно внимание за развој на земјоделството и руралниот развој.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го елаборираше и поглавјето 12, при што истакна дека е постигнат добар напредок во општите начела, особено во областа на безбедноста на храна, ветерината, фитосанитарната политика, нагласувајќи го фактот дека е донесен закон за безбедност на храната, основата е нова независна Агенција за храна и ветеринарство, како и реализација на програмите за искоренување на болестите кај животните. Административниот капацитет на Агенцијата за храна и ветеринарство, бројот и стручноста на вработените, е недоволен за соодветно спроведување на acquis, и во иднина треба да се посвети поголемо внимание на административниот капацитет, сè со цел Република Македонија да ги постигне стандардите на ЕУ што ќе доведат до побрзо интегрирање на земјите во ЕУ.

Во поглавјето 13 Рибарство е нагласен ограничениот напредок во областа на управувањето на ресурсите на флотата, постигнат е ограничен напредок во областа на инспекцијата и контролата со донесување на секундарното законодавство потенцирано со усвојување на Законот за рибарство и аквакултура, напредок е забележан во структурните активности посебно на рекреативниот риболов за кое се издвоени дополнителни средства за шемите за поддршка на рибарството.

Министерот Димовски оцени дека во оваа сфера е постигнат одреден напредок. Административните капацитети сè уште се недоволни, со оглед на фактот што земјата е континентална и фактите изнесени за рибарството не се релевантни.

На крајот укажа дека се започнати меѓународни подготовки за заедничка политика за рибарството.

Во дискусијата по Извештајот учествуваа пратениците: г-ѓа Ленче Николовска, г. Горан Сугарески, г. Панче Орцев, г. Реџаил Исмаили и г. Борче Ставров.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, со акцент во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството, и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа со изнесените предлози, сугестии и мислења, изнесени на седницата на Комисијата.
Click