Активности

Вторник, 1 ноември 2011 година

ДЕЛЕГАЦИЈА НА ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

Германска делегација, предводена од г. Петер Вајс, денеска оствари средба со Комисијата за надворешна политика, Комисијата за европски прашања, потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски, во однос на Извештајот за напредокот на земјата за 2011 година, посочи дека пратениците делат заедничко разочарување што и овојпат Македонија не доби датум за преговори, бидејќи за нас тоа не е само прашање на престиж, туку и поттик за продолжување на реформите во сите области, а секако ќе влијае позитивно и на меѓуетничките односи.

Тој изрази задоволство од ангажманот на Германија во однос на антикризниот  пакет на ЕУ, бидејќи помошта за Грција е значајна и за Македонија, како и за стабилноста на еврозоната.

Шефот на германската делегација, г. Петер Вајс, посочи дека ова е доста специфичен период за Германија, дека ова не е само економска, туку и политичка активност за одржување на ЕУ и волјата на народот за проширување на Унијата.

Во разговорите, и двете страни истакнаа дека прашањето за името не смее да го кочи евроинтегративниот пат на Македонија.

На средбата со Комисијата за европски прашања, претседателот Хајрула Мисини истакна дека Македонија и Германија негуваат пријателски односи и дека во контекст на евроинтегративните процеси на Македонија, постои редовен дијалог и на парламентарно ниво меѓу двете држави, при што истакна дека Комисијата реализира и меѓународни средби со европратеници за размена на мислења за евроинтегративни процеси.

Беше истакнато дека Извештајот на Европската комисија не треба да се сфати како извештај за името, туку извештај кој треба да го подобри квалитетот на живеење во Република Македонија.

Шефот на германската делегација, г. Вајс истакна дека Европската комисија веќе третпат предложи да се отпочнат преговорите и дека Македонија има голем напредок во реформите и упати честитки за тоа, но истакна дека има и проблеми за кои Република  Македонија треба да направи напор да се надминат.

На средбата со потпретседателот Светлана Јакимовска, посебно внимание беше посветено на натамошно развивање на соработката меѓу двата парламенти преку Програмата за Меѓународна парламентарна стипендија  наменета за македонските стипендисти.

Потпретседателот Јакимовска истакна дека овие  млади луѓе претставуваат мост меѓу двата парламенти, а нивното искуство стекнато во Бундестагот, може да се искористи во реформите неопходни за евроинтеграциите.

Госпоѓа Јакимовска укажа дека би било добро, доколку е можно, Собранието на Република Македонија да добие повратни информации, од пратениците на кои ќе им бидат доделени стипендистите, за нивниот ангажман во Бундестагот.

Гостите од Бундестагот остварија средба и со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој ја предводи оваа Пратеничката група, истакна дека меѓучовечката и економската соработка меѓу Македонија и Германија, се најважните работи за промовирање во оваа Пратеничка група.

Тој предложи германската делегација, во рамките на своите можности, да се обрати со една сугестија до Министерството за внатрешни работи во Германија, а тоа е признавање на возачките дозволи на македонските граѓани во Германија.

Двете страни ја нагласија важноста од Програмата за стипендирање на македонски студенти во германскиот Бундестаг, која се практикува веќе неколку години. Господинот Петер Вајс предложи оваа Пратеничка група да се сретне со стипендистите и да им даде совети и насоки за нивната професионална иднина, што беше прифатено од македонската страна.
Click