Активности



Петок, 14 октомври 2011 година

Деветта седница на Комисија за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Деветта седница, како заинтересирано работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон  за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година  (по скратена постапка).       

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде државниот секретар во Министерство за правда, г. Диме Спасов. Тој истакна дека пописот на населението, домаќинствата и становите, претставува огромна статистичка операција, којашто приближно се спроведува на секоја десетта година.

За таа цел, на 6.12.2010 година, беше донесен Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, кој предвидуваше пописот да започне на 1.4.2011 година и да трае до 15.4.2011 година. Меѓутоа, поради одржувањето на предвремените парламентарни избори и потребата од исполнување на низа технички услови за спроведување на самиот попис, истиот со Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, се предвиде пописот да биде одржан од 1.10.2011 година и да трае до 15.10.2011 година.

Согласно одредбите од Законот за попис, истиот започна на 1.10.2011 година, од причина што претходно беа обезбедени техничките, финансиските и останатите потребни ресурси. И покрај преземените мерки за успешно спроведување на истиот, во текот на неговото спроведување, беше констатирана неправилна примена на одредени одредби од Законот и нееднаква примена на методологијата утврдена од Државниот завод за статистика, којашто беше усогласена со Евростат. Со оглед на тоа што во текот на спроведувањето на пописот се појавија недоследности и недоречености и имајќи ги предвид утврдените законски рокови за негово спроведување, како и фактот дека целта на законот е да обезбеди квалитетно спроведување на пописот, сето ова ја доведе во прашање веродостојноста на податоците кои се однесуваат на населението. За да не се дозволи злоупотреба на бројките од пописот, се предлага донесувањето на овој закон.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Миле Андонов, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Борис Стојменов, г. Марјанчо Николов и г. Неџати Јакупи.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ го проследи Предлогот на законот за престанување на важење на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година во понатамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

 

Click