Активности



Вторник, 18 октомври 2011 година, Белград

Конференција за „Енергија-Развој-Демократија: Моделирање на новата енергетска иднина на ЈИЕ“

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, заменик-претседател на Комисијата за економски прашања и пратениците: г. Миле Андонов, г. Неџати Јакупи, г. Николче Ацевски и г. Сафет Бишевац, на 17 и 18 октомври 2011 година, учествува на Конференција на тема „Енергија-Развој-Демократија: Моделирање на новата енергетска иднина на ЈИЕ“, која се одржува во Белград, Република Србија.

Во своето обраќање, г-ѓа Владанка Авировиќ истакна дека новиот Закон за енергетика, донесен во февруари 2011 година, е изработен согласно обврските кои ги има Република Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија, односно Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како и врз основа на Договорот за основање на енергетска заедница.

Изготвувањето на Законот за енергетика е активност утврдена во Националната програма за усвојување на законодавството на Европската унија и Партнерството за пристапување, каде што во економските критериуми во делот Енергија се утврдени следните обврски:

  • да се продолжи со усогласување на законодавството за внатрешните пазари за електрична енергија и гас, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со acquis со цел постепено отворање на пазарот за енергија за конкуренција;
  • да се продолжи со зајакнување на независноста на Регулаторната комисија за енергетика;
  • да се исполнат обврските произлезени од Договорот за енергетска заедница во однос на целосно спроведување на acquis за внатрешниот пазар на гас и електрична енергија и за прекуграничната размена на електрична енергија.

Целта на донесувањето на Законот за енергетика беше натамошно усогласување со европското законодавство во областа на енергетиката, односно со Директивите и Регулативите на ЕУ, кои се основни елементи од правната рамка на Договорот за основање на енергетска заедница, со крајна цел за натамошна либерализација на пазарите на енергија и создавање услови за стабилен и одржлив енергетски сектор.

Во делот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, значително се зголемуваат надлежностите на оваа институција, согласно законодавството на ЕУ во делот на енергетиката, во делот на надзор на пазарите на енергија заради зголемување на сигурноста во снабдувањето, донесување на правила за снабдување со енергија и природен гас, со кои се регулираат односите помеѓу снабдувачите, потрошувачите и операторите на системите за пренос и дистрибуција.

Во функција на развој на енергетиката, со Буџетот на Република Македонија секоја година се предвидуваат средства на посебна програма, т.н. Развој на енергетиката.

Како обврска од Законот за енергетика, Владата на Република Македонија во 2010 година ја донесе Стратегијата за искористувањето на обновливите изори на енергија во РМ до 2020 година.

Имајќи ја предвид стратешката определба на Република Македонија за равноправно членство во ЕУ, како стратешка енергетска политика на РМ се наметнува и енергетската политика на ЕУ.

На крајот од својот говор, г-ѓа Авировиќ информира дека во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2011 година, во Поглавјето Енергија, констатиран е добар напредок во областа на енергетскиот сектор, особено во донесувањето на нов сеопфатен закон за енергетика и во решавањето на долготрајниот спор со операторот на диструбутивниот систем. Сепак, допрва треба да се воспостави ефикасно функционирање на пазарот на електрична енергија и да се обезбедат услови за конкуренција. Потенцијалот на енергетската ефикасност во земјата и обновливите извори на енергија сè уште не се соодветно искористени и сè уште не е обезбедена финансиска независност на регулаторот за заштита од радијација. Подготовките во областа на енергетиката бележат умерен напредок.

Инаку, Конференцијата во Белград се одржува во рамките на претседавањето на Република Србија со процесот на соработка во Југоисточна Европа, а на неа учествуваат делегации од националните парламенти на земјите од Југоисточна Европа, пратеници од Европскиот парламент и претставници од Советот на Европа.

Click