Активности



Вторник, 4 октомври 2011 година, Варшава

Македонија нема друга алтернатива освен зачленување во ЕУ

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Репубика Македонија, г. Хајрула Мисини, од 2 до 4 октомври 2011 година учествува на Конференцијата за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија КОСАК.

Конференцијата ја отворија претседателите на полскиот Сенат и полскиот Сејм, како домаќини на 46. заседание на КОСАК, кои во своето обраќање говореа за приоритетите на Полското претседателство со ЕУ, но и за економската криза во која се наоѓа Европската унија и за мерките кои треба да се преземат за да се надмине кризата.

За време на состанокот, претседателот Мисини оствари неформални средби со претседателите и членовите на Комисиите за европски прашања  на турскиот, хрватскиот, словенечкиот, црногорскиот и бугарскиот Парламент и во разговорите со нив беше нагласена потребата за поцврста регионална соработка помеѓу овие земји.

За време на одржувањето на КОСАК, претседателот Мисини оствари средба и со неговата колешка од грчкиот Парламент, г-ѓа Родула Зиси. Тема на нивниот разговор беше евроинтеграцијата на Република Македонија. Беше постигната согласност дека Комисиите за европски прашања помеѓу македонскиот и грчкиот Парламент треба блиско да соработуваат во насока на искористување на грчкото искуство, со цел приближување на Република Македонија кон Европската унија. 

На средбата беше искажана цврста заложба за продлабочување и интензивирање на овој начин на комуникација, бидејќи како што искажа претседателот Мисини, Македонија нема друга алтернатива освен зачленувањето во Европската унија. Соседите се првите пријатели и соседите најдобро се познаваат за да можат да си помогнат меѓусебно во даден момент. Кога станува збор за македонско-грчките односи, се согласија дека ние не можеме да го одминеме билатералниот спор што го имаме во врска со уставно име на Република Македонија, но и дека нашата комуникација треба да има една друга димензија и дека треба да разговараме за други прашања на начин на кој разговараат соседи и пријатели, и на тој начин да се подигне нивото на парламентарна соработка помеѓу двете земји.

Конференцијата  продолжува и денеска со обраќањето  на г. Марош Шефович, потпретседател на Европската комисија задолжен за меѓуинституционални и административни прашања.

Click