Активности



Сабота, 15 октомври 2011 година

Осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Осмата седница, одржана на 12 октомври 2011 година, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон за субвенционирање на станбен кредит (во прво читање).       

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон, даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески. Тој истакна дека еден од проблемите со кој се соочуваат македонските граѓани е обезбедување на сопствен дом. Тој е посебно изразен кај младите луѓе и младите брачни парови, што е една од причините истите потешко да се одлучат да стапат во брак или пак да го прошират семејството.

Една од главните причини за овој проблем е ниската куповна моќ на оваа група граѓани. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2010 година изградени се вкупно 871 станбен објект во вкупна површина од 55.944 м2 и во споредба со 2009 година бројот е за 44,7% повисок, но и покрај тоа, граѓаните имаат проблем да го решат своето станбено прашање.

Право на користење на субвенциониран кредит ќе имаат физички лица кои ќе ги исполнат условите предвидени во законот, односно оние граѓани кои немаат во сопственост, сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар, стан или куќа, лицето или неговиот брачен другар не треба да користат друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето за субвенциониран  станбен кредит, лицето кое не е во брачна заедница треба има вкупен месечен приход кој не надминува 900 евра или вкупниот месечен приход на лицето и неговиот брачен другар да не надминува 900 евра месечно.

Со цел да го решат своето станбено прашање, граѓаните ќе можат да земат станбени кредити од комерцијалните банки, а државата ќе субвенционира половина од месечниот ануитет на станбениот кредит во првите пет години или ќе обезбеди 50% од учеството во кредитот за купување на стан или изградба на куќа, кое не смее да надмине 25% од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, односно не повеќе од 6.250 евра во денарска противвредност.

Субвенцијата ќе се одобрува за станбен кредит чиј износ не надминува 50.000 евра и рокот на отплата да не е пократок од 20 години. Доколку станбениот кредит е поголем од овој износ, тогаш се субвенционира само износот до 50.000 евра, а разликата која го надминува тој износ не е предмет на субвенционирање.

Каматната стапка на кредитот кај кој се субвенционира месечниот ануитет, може да изнесува најмногу до 4,99% годишно во првите 3 години од отплатата на кредитот и во следните 2 години може да се зголеми најмногу за 10%. Каматната стапка на кредитот кај кој се субвенционира учество во кредит, не може да е повисока од шест месечен ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот.

Министерството за финансии ќе објави јавен повик заинтересираните лица да аплицираат за добивање на субвенциониран кредит. Физичкото лице може да поднесе барање за субвенциониран станбен кредит до деловната банка која ќе ја процени кредитната способност на барателот и ќе донесе одлука за одобрување или одбивање на барањето.

По завршување на јавниот повик и добивање на сите одлуки за одобрување на субвенциониран станбен кредит, за кои барањата се поднесени до деловните банки во периодот определен во јавниот повик, Министерството за финансии ќе спроведе постапка за избор на корисници на субвенциониран станбен кредит преку електронски систем за избор. 

Врз основа на резултатите од електронскиот систем за избор на корисници на субвенциониран кредит, Министерството за финансии одлучува за одобрување на субвенција, го определува видот на субвенцијата, износот кој се субвенционира и динамиката на неговата исплата.

Средствата за субвенционирање на кредитите од овој Закон ќе се обезбедат во Буџетот на Република Македонија, во разделот на Министерството за финансии.

Со спроведување на ова законско решение, исто така, ќе се поттикнат активностите во секторот градежништво, како и вработеноста во истиот, а се оценува дека ефектите од ваквата мерка ќе бидат и многу пошироки, со оглед  дека тие последователно ќе се прелеат и ќе ја поттикнат активноста во други сегменти од економијата и општеството во целина.

Во расправата учествува пратениците: г.  Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Изет Зеќири, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Стојко Пауновски, г. Милорад Додевски, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Неџати Јакупи и г. Самка Ибраимоски.

На крајот од расправата,Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за субвенционирање на станбен кредит е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click