Активности



Среда, 2 ноември 2011 година

Петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Петтата седница, одржана на 1 ноември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, второ читање;
  2. Предлогот на Законот за Европски економски интересни заедници, второ читање;
  3. Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, прво читање;
  4. Предлогот  на Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, прво читање.

- По Предлогот на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, Комисијата за економски прашања разгледа 13 амандмани, од кои 1 беше усвоен, 2 повлечени и 10 неусвоени.

- Во однос на Предлог-законот за Европски економски интересни заедници, Комисијата како матично работно тело разгледа 4 поднесени амандмани.

Во претресот по поднесените амандмани учествуваа заменик-членот на Комисијата за економски прашања г. Изет Зеќири и заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Костеска.

Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови не ги усвои предложените амандмани.  

- Образложение по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Костеска. 

Предложените измени и дополнувања се усогласување со Законот за јавни службеници. Тие се во насока на определување на статутот на вработените во јавните претпријатија коишто вршат работи од јавен интерес и кои согласно законот добиваат статус на јавни службеници. Со тоа практично се обезбедува заживување на институтот јавен службеник во јавните претпријатија како дел од системот на јавна служба, што претставува и законска обврска којашто произлегува од Законот за јавни службеници. 

Беше истакнато дека вработените во јавните претпријатија коишто вршат помошни работи немаат статус на јавни службеници и за нив ќе важи Законот за работни односи.

Заменик-министерот за економија истакна дека овој Предлог-закон содржи и генерални одредби согласно Законот за јавни службеници, со кои се прецизира постапката за пополнување на работно место преку објавување на јавен и интерен оглас за вработување на јавни службеници во јавното претпријатие.

Исто така, содржани се одредби и тоа за водење на дисциплинските постапки, дисциплинската одговорност против јавниот службеник во јавното претпријатие, почнувајќи од поднесувањето на иницијативата за покренување на дисциплинска постапка, формирање на Комисија за водење на истата и роковите за започнување и завршување на постапката.

Содржани се и одредби за материјална одговорност за евентуално направена намерна или ненамерна штета, којашто од крајна небрижност би се предизвикала од службеникот во јавното претпријатие, формирање на Комисија која би ја утврдила материјалната одговорност, како и право на жалба до Агенцијата за администрација против донесените решенија од дисциплинската и материјалната одговорност.

Со овој Предлог на закон се регулира и начинот на оценување на јавните службеници со цел да се добие реална и јасна слика за стручноста, квалитетот, ефикасноста и ефективноста  во извршување на работите од јавен интерес коишто се утврдени со закон. 

Во претресот учествуваше членот на Комисијата за економски прашања, г. Стојко Пауновски.

- Во образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, г-ѓа Костеска истакна дека со него се воведува, прецизира и уредува инспекцискиот надзор кој ќе го вршат овластените работници на Бирото за метрологија над употребата на мерилата.

Тоа ќе претставува една посебна активност во однос на инспекцискиот надзор, кој го врши органот надлежен за работа во пазарниот инспекторат, којшто се однесува на прометот на мерила. Пазарниот инспекторат ќе врши надзор само во делот на промет на мерилата.

Беше истакнато дека во делот на проектот „посета на 150 компании", на барање на компаниите, Министерството за економија добило задолжение да се измени Одлуката за распоредување на стоки во форми на извоз и увоз. Од тие причини, од месец април 2011 година, мерилата не подлежат на посебен режим, односно на дозволата Д2. Тоа значи дека увозот на мерила се врши без издавање на решенија од страна на Бирото за метрологија, а тоа претставува минимизирање на контролата на мерилата коишто ќе бидат во употреба.

Заменик-министерот за економија истакна дека заради регулаторната гилотина и олеснувањето на бизнисот на фирмите, беше прифатено барањето од страна на стопанските комори и претставниците од фирмите овој увоз да биде слободен на пазарот и истиот да не подлежи на посебен режим, односно на дозволата Д2. Од тие причини Министерството за економија го предлага овој текст на Закон.

  • На крајот, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека сите четири Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click