Активности



Понеделник, 19 септември 2011 година

Петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Петтата седница, одржана на 15 и 19 септември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година;
  2. Предлогот на Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Воведно образложение по Предлогот на Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека во текот на 2011 година во Република Македонија беа остварени позитивни движења на основните макроекономски индикатори споредено со остварувањата во текот на 2010 година.

БДП во првиот квартал од 2011 година забележа раст од 5,1%, при што најголем раст беше регистриран во секторите: градежништво (раст од 21,2%), вадење на руда и камен, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија , гас и вода.

Индустриското производство бележи раст од 8,6% во однос на 2010 година. Инфлацијата во првите осум месеци од годината изнесува 4,2% како резултат на порастот на цената на храната и домувањето.

Надворешно-трговската размена во првата половина од 2011 година во однос на истиот период во 2010 година бележи раст од 32,4% што се должи на истовремено зголемување на извозот и увозот на стоки. Извозот во наведениот период бележи раст од 35,8%, додека увозот раст од 30,4%.

Во првото тромесечие на 2011 година забележан е позитивен тренд и кај пазарот на трудот. Имено, вработеноста достигна 39,3% во споредба со 37,5% од истиот период во 2010 година, со истовремено намалување на стапката на невработеност на 31,2%.

Во делот на јавните финансии, значајно е да се истакне дека во периодот јануари - јули 2011 година, вкупните приходи се реализирани во согласност со планираната динамика и тоа за 4% повеќе во споредба со истиот период од 2010 година.

Зголемената реализација се должи на одличната наплата на даночните приходи, коишто во анализираниот период бележат раст од 7,1% во споредба со 2010 година, при што приходите од данокот на додадена вредност бележат раст од 10%.

Од досега наведените причини се создаде потреба за измени само на расходната страна на Буџетот.

Со Одлуката се предлага релокација на средствата помеѓу одделни буџетски корисници во услови кога на приходната страна нема отстапувања во реализацијата.

На овој начин се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на приоритетните активности на Владата на Република Македонија, како и реализација на проекти кои имаат забрзана динамика за сметка на проектите кај кои има позабавено темпо на реализација.

Со Одлуката се обезбедуваат дополнителни средства за Фондот за здравствено осигурување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што ќе се обезбеди јакнење на нивната финансиска стабилност и непречено и навремено исплатување на пензиите, надоместоците за невработеност, социјалните надоместоци и обезбедување на квалитетни здравствени услуги на граѓаните.

Дополнителни средства се обезбедени во социјалната област и ја истакнуваат приоритетноста на социјалните законски права и нивната редовна исплата.

Истовремено се врши прераспределба кај одделни буџетски корисници согласно реформите во органите на управата и трансферирање на вработените од Секретаријатот за спроведување  на Рамковниот договор.

Во развојниот дел на Буџетот дополнителни средства се обезбедуваат за приоритетните проекти во здравствениот сектор, уредување на технолошко индустриските развојни зони, железничката инфраструктура и во областа на животната средина.

Со ваквата прераспределба се задржуваат основните параметри на фискалната политика. Дефицитот е во рамките на планираните 2,5% од БДП којшто ќе придонесе за остварување на основните макроекономски индикатори и ниското ниво на јавниот долг.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Игор Ивановски, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Изет Зеќири, г. Зиадин Села, г. Реџаиљ Исмаили, г. Беким Фазлиу, г. Миле Андонов, г. Стојко Пауновски, г. Јани Макрадули, г-ѓа Весна Бендевска, г. Ердоган Сарач, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Оливер Спасовски, г. Менде Диневски, г. Митре Велјаноски, г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Ромео Тренов, г. Горан Сугарески, г. Димитар Стевананџија, г-ѓа Ленче Николовска и г. Самка Ибраимоски.

По Предлог-одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година,  Комисијата разгледа 49 амандмани.

Со оглед на тоа што не е прифатен ниту еден амандман, со шест гласа „за“ и четири „против“, Комисијата заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на Одлука и му предлага на Собранието да ја разгледа и донесе Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година.

Воедно, и по Предлогот на Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2010 година, немаше поднесено ниту еден амандман.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Click