Активности

Понеделник, 17 октомври 2011 година

Потребна е поддршка на проектираниот буџет на народниот правобранител

Главните проблеми на институцијата Народен правобранител остануваат ограничените буџетски ресурси и непочитувањето на одлуките на народниот правобранител од страна на државните институции – беше истакнато на денешната средба на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија со г. Тимо Манинен, експерт-евалуатор.

На средбата зедоа учество претседателот на Комисијата, г. Беким Фазлиу, членовите на Комисијата: г-ѓа Сузана Салиу, г-ѓа Весна Бендевска, г-ѓа Лилјана Кузамановска и г. Ивон Величковски, како и заменик-членот г-ѓа Сузана Анова.

Господин Тимо Манинен, како експерт-евалуатор, од 12 до 22 октомври престојува во институцијата Народен правобранител поради потребата да се спроведе евалуација за сработеното и ефектите од постигнатото, како дел од Проектот за поддршка на институцијата Народен правобранител.

Тој, како задолжен да изврши проценка на целиот Проект, се интересираше за соработката со народниот правобранител, за тоа како Комисијата гледа на неговата работа и како може да делува по Извештајот на народниот правобранител. Исто така, тој пројави интерес за тоа што мислат пратениците околу развојот во квалитетот на работата на институцијата Народен правобранител од 2004 година па наваму.

Беше истакнато дека одлуките на народниот правобранител треба да се земаат малку посериозно, затоа што во неговата работа има само една вистина – има или нема кршење на слободите и правата на граѓанинот.

Се издвои важноста за финансиска независност на институцијата Народен правобранител, која сè уште не добива поддршка за проектираниот буџет.

Како проблем се наведе и тоа што народниот правобранител има надлежност да се грижи за слободите и правата на граѓанинот кои се прекршуваат од страна на државните органи, но надвор останува приватната сфера, која не е во негова надлежност. Затоа потребно е развивање на законската регулатива, што ќе обезбеди дополнителни надлежности на институцијата Народен правобранител.

Институцијата Народен правобранител во Република Македонија е основана во 1997 година. Таа е стабилна институција во која граѓаните уживаат голема доверба. Народниот правобранител имплементира активности за промоција на институцијата, јакнење на нејзините капацитети и подигање на свеста на граѓаните за нивните права и можностите за нивна заштита.

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот има добра соработка со оваа институција, која е постојан соработник со Собранието на Република Македонија. Парламентот, од своја страна, сериозно ги разгледува извештаите на народниот правобранител и често се консултира и бара мислење од него. Исто така, оваа институција е една од ретките која редовно добива позитивна оценка во Извештаите.

Заклучокот на г. Тимо Манинен е дека во однос на 2004 година е забележан огромен квалитетен напредок на институцијата Народен правобранител, која се чини ја има комплетната доверба. Тој истакна дека забележал дека народниот правобранител ги користи медиумите за развивање на свеста кај граѓаните, што го оценува како позитивно.

На крајот од средбата, г. Фазлиу се заблагодари за посетата, изрази надеж дека средбата ќе помогне околу евалуацијата и вети дека како претседател на Комисијата ќе се залага соработката со институцијата Народен правобранител да остане на високо ниво.
Click