Активности



Понеделник, 3 октомври 2011 година

Прва работилница во рамките на ИПА проектот за улогата на националните парламенти во Еу

Пратеници од разни политички партии во Собранието на Република Македонија, на 30 септември 2011 година, учествуваа на првата работилница на проектот ИПА-ТПП (Техничка помош за Парламентот) за теми поврзани со Собранието и со ЕУ.

Целта на работилницата беше да им даде на пратениците општи информации за улогата на националните парламенти во Европската унија, со особен акцент на новите елементи кои се воведоа со Договорот од Лисабон. Работилницата, која се оддржа во салата „Борис Трајковски“, беше особено насочена кон пратениците кои се членови на Комисиите за европски прашања, за надворешни работи, Националниот совет за евроинтеграции и Мешовитиот парламентарен комитет (Европска унија-Република Македонија).

Д-р Золтан Хорват (директор за обука во проектот) и г-ѓа Инес Бирзниеце (лидер на тимот на проектот) направија краток преглед на овие теми, давајќи практични примери од нивните опсежни искуства со прашања поврзани со ЕУ стекнати со нивната работа во Унгарскиот, односно Летонскиот парламент, како пред, така и по влегувањето на Унгарија и Летонија во ЕУ во 2004 година.

Пратениците кои учествуваа на работилницата разменија мислења со презентерите, особено во врска со моменталниот статус на подготовките кои ги прави Македонија за преговорите за пристапување во ЕУ и членство во ЕУ.

Се планираат уште три работилници и два семинари за пратениците за искуствата на новите земји-членки од пристапните преговори, улогата на комисиите за европски прашања во процесот на пристапување и слични теми.

ИПА проектот „Техничка помош за Парламентот“, финансиран од ЕУ, почна со работа во Собранието на 17 јануари 2011 година и ќе трае 18 месеци. Проектот се состои од три главни компоненти:

  1. Подобрување на техничката поддршка на собраниските работни тела;
  2. Подобрување на капацитетот за подготовка на аналитички извештаи до пратениците на теми поврзани со ЕУ (ќе се работи со Парламентарниот институт, кој се очекува да почне со работа);
  3. Подобрување на пристапот до и обезбедување на информации, за пратениците и за вработените во службата на Собранието, особено имајќи ја предвид агендата за пристапување во ЕУ и овозможување на подобар пристап на јавноста до информации. 
Click