Активности



Петок, 7 октомври 2011 година

Програмата за стипендирање млади луѓе меѓу Македонија и Германија е типичен пример за извонредна соработка 

Комисијата од Сојузна Република Германија за избор на стипендисти за ИПС-програмата за 2012 година, во посета на Собранието на Република Македонија, денеска оствари поединечни средби со: г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија; г. Александар Николоски, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија и со членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија.

Во составот на Германската делегација беа: г. Александар Урлих, пратеник во германскиот Бундестаг; д-р Херберт Гризхоп, управник на Центарот за меѓународна соработка при Слободниот универзитет Берлин и проф.д-р Улрих Шелер, раководител на Одделот наука и надворешни односи во администрацијата на германскиот Бундестаг. Во придружба на Делегацијата беше амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. Гудрун Штајнехер.

За време на средбата со Германската делегација, потпретседателот Светлана Јакимовска изрази благодарност за поддршката која Република Македонија ја добива од Сојузна Република Германија на патот кон Европската унија и посебно за овој Проект, кој е многу важен за македонското собрание и државата воопшто.

Таа истакна дека во разговорот со стипендистите, тие имаат изразено големо задоволство од Проектот и од престојот во германскиот Бундестаг, но и дека самата таа е задоволна од изборот на кандидатите и се надева дека ваквата пракса и соработка ќе продолжат во иднина.

Потпретседателот Јакимовска ги информира гостите дека Парламентарниот институт е во завршна фаза и ќе отвори можност за стипендистите да се пријават за вработување во него.

Притоа, таа потсети дека на стипендистите пред да заминат во Германија им се овозможува во текот на две седмици да се запознаат со работата на сите сектори во Македонското собрание, а сите служби им стојат на располагање за било која услуга што им е потребна.

Гостите ја честитаа 20-годишнината од независноста на Република Македонија, притоа изразувајќи благодарност од гостопримството на кое наишле во нашата земја и соопштија дека вчера ги избрале трите нови апликанти за стипендија.
Германските претставници особено потенцираа дека начинот на кој македонското собрание се однесува со стипендистите е случај за пример, а оваа програма е типичен пример за извонредна соработка.

Исто така, тие информираа дека се доведуваат во ситуации кога мора да објаснуваат дека овој проект не е проект на политички кадри, дека младите не се насочуваат политички, туку дека станува збор за програма преку која стипендистите се запознаваат со работата на Германскиот парламент и дека во текот на престојот се случува прво да работат кај пратеник од една политичка партија, а потоа кај друг од друга политичка партија.

Присутните, во пресрет на очекувањето на Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија, разменија мислења и околу европската перспектива на нашата земја, вклучувајќи го и спорот со името со Грција. Во тој контекст, потпретседателот Јакимовска истакна дека Република Македонија продолжува со преговорите со Грција за заемно прифатливо решение, но не по секоја цена.

Германските претставници потенцираа дека нивната земја стои на располагање на Република Македонија на патот кон Европа и ни посакуваат успех во преговорите.

На средбата со Германската делегација, заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Александар Николоски, заблагодарувајќи се за посетата и поддршката, истакна дека е значајно што стипендистите коишто одат во Германија, потоа знаењето го пренесуваат во Република Македонија.

Германската делегација повтори дека Германија силно ја поддржува нашата земја и дека тоа не е политички став, туку став на земјата за проевропско движење на Западен Балкан.

Во однос на Извештајот кој Македонија го очекува наредната седмица, гостите информираа дека тој ќе содржи предлози во кој правец да се движи земјата во однос на реформите, притоа истакнувајќи дека не е целисходно трети лица да даваат решенија околу спорот со името, туку двете држави треба тоа прашање да го решат меѓу себе.

Заменик-претседателот Николоски додаде дека Република Македонија останува посветена на реформскиот процес, дека реформи се прават, што резултира со добивањето препораки од Европската комисија за почеток на преговори, но спорот со името останува единствена пречка за добивањето датум.

На средбата со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија, присуствуваа членовите: г. Илија Китаноски, г. Неџати Јакупи, г. Сафет Бишевац, г. Беким Фазлиу и г. Горан Сугарески.

Господин Илија Китаноски на самиот почеток изрази задоволство од средбата, како и од меѓусебните пријателски односи помеѓу двете земји, истакнувајќи дека Германија е значаен партнер на Македонија во областа на економската соработка и ѝ дава континуирана поддршка во процесот на пристапување кон ЕУ, што е клучен приоритет за земјата.

Тој се заблагодари за шансата што им се дава на младите луѓе од Македонија да ја користат оваа стипендија, која е одлична можност за нив да се запознаат со политичкиот, академскиот и економскиот живот во Германија, пренесувајќи го тоа во својата земја, со активно и одговорно учество во формирањето на демократската иднина на Република Македонија.

Германските претставници се заблагодарија на поддршката која Собранието на Република Македонија ѝ ја дава на Програмата-избор на стипендисти за ИПС, на тројца млади луѓе, за покажаниот интерес за негување на веќе воспоставените односи, но и нивно продлабочување во иднина на парламентарно ниво. 

Македонското собрание во иднина ќе направи дополнителни напори да ја афирмира оваа Програма меѓу младите во државата, да направи поголема промоција на овој Проект, со надеж дека бројот на кандидати кои зеле учество во Програмата ќе се зголемува од година во година.

Click