Активности

Понеделник, 7 септември 2011 година

ПРВА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

На првата седница на Националниот совет за евроинтеграции свое обраќање имаше  г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за европски прашања.

На седницата на Советот присуствуваа г. Роберт Лидел, в.д. шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија; г-ѓа Марина Курте, советник за европски интеграции и правни прашања во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија и г-ѓа Марта Прзениосло, заменик-шеф на мисијата, амбасада на Република Полска во Република Македонија.

Во своето излагање, д-р Теута Арифи пред Националниот совет за евроинтеграции ги претстави предизвиците во однос на работата поврзана со евроинтеграциите на државата. Првиот аспект е внатрешната политика и обврските кои треба да се исполнат во однос на концептите кои се бараат од ЕУ, и надворешно-политичкиот аспект во однос на регионалната активност на државата. Последните организирани парламентарни избори во Република Македонија се позитивна слика за државата и г-ѓа Арифи очекува дека ќе дадат добар заклучок во однос на градењето на демократијата и внатрешните процеси во државата.

Госпоѓа Арифи информираше дека е подготвен Акциски план за активностите кои треба да се преземат до крајот на годината како одговор на доставената листа со препораки од Европската комисија. Во планот се адресирани сите прашања, клучни и покриени теми се: реформите во јавната администрација и судството, мерките за антикорупција, дел кој се однесува на медиумите и слободата на изразување, како и за правичната застапеност, комбинирана со квалитет на младите службеници во администрацијата. Беше изразена подготвеност за реализацијата на Акцискиот план да се дебатира на една од наредните седници на Националниот совет за евроинтеграции.

Имајќи го предвид фактот дека прашањето за евроатланските интеграции на Република Македонија и добивањето на датум за започнување на преговорите со ЕУ е поврзано и со спорот со Република Грција околу употребата на уставното име на нашата држава, потребно е да се покаже добра волја за соочување со овој проблем, но исто така да се бара и очекува да се покаже добра волја и од другата страна.

Решението на проблемите на земјите од Балканот се наоѓа во една многу конкретна иднина, а таа е евроатланските интеграции и европеизација на народите. Од регионален интерес е воспоставување на редовен дијалог меѓу авторитетите на сите земји од Западен Балкан заедно со Европската унија.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Антонио Милошовски, г. Кенан Хасипи, г. Хајрула Мисини - пратеници и членови на Советот; г. Зиадин Села и г-ѓа Ана Павловска-Данева - пратеници и заменици-членови на Советот; г. Живко Митревски, претставник на ССМ; г. Скендер Бузаку, претставник на Исламската верска заедница и г. Александар Кржаловски од Граѓанската платформа на Македонија.

дневен редзаписник стенографски белешки

Click