Активности



Понеделник, 26 септември 2011 година

Шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Шестата седница  одржана на 22 септември 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот ХЕ Бошков мост, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој  и АД ЕЛЕМ, по скратена постапка - II читање;
  2. Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – II фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка - II читање;
  3. Предлог на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија, по скратена постапка - II читање;
  4. Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со прв дел од заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија – Смоквица, по скратена постапка - II читање;
  5. Предлог на закон за задолжување на Град Скопје кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот “Со нови концепти за ефикасен сообраќај кон почисто Скопје“ без издавање на државна гаранција, по скратена постапка - II читање;

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот ХЕ Бошков мост, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој  и АД ЕЛЕМ даде заменикот на министерот за финансии г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека Проектот ХЕ Бошков мост претставува сложен хидроенергетски систем со кој се предвидува целосно искористување на хидропотенцијалот на Мала Река, односно нејзините притоки Тресонечка Река, Јадовска Река, изворот Росоки, Лазарополска Река, Валовница, Гарска Река, Звончица и Белешница, чиј слив се наоѓа во западниот дел на Република Македонија. За искористување на Мала Река постои обемна студиска документација од 70-тите години на минатиот век, со која се разгледани можните решенија за максимално искористување на водите од сливот. Имено, техничката документација на ниво на Главен Проект, за инсталирана моќност од 45 MW е изработена во 1983 година, додека Студија за изводливост е изработена во 2002 година, со основен заклучок дека за  зголемување на рентабилноста на Проектот ХЕ Бошков мост, неопходно е да се зголеми инсталираната моќност на централата од 45 MW на 70 MW. Идеен Проект за инсталирана моќност од 70 MW е изработен во 2005 година, додека тендерската документација за доделување на изградбата на објектот по пат на БОТ концесија е изготвена во 2008 година.

Со Проектот се предвидува изградба на брана и формирање на акумулација, зафати на сите притоки од сливот на Мала Река, деривациони канали, тунел, цевковод и машинска зграда. Браната ќе биде изградена на самото устие на Јадовска во Тресонечка Река под селото Тресонче. Истата е висока 33 метри и овозможува корисен простор на акумулацијата од 858х103 m3, со што се обезбедува акумулација на вода за неколку дена. Хидроелектраната Бошков Мост се предвидува да работи во часовите на врвни дневни оптоварувања. Со инсталирана моќност од 68,2 MW, електраната ќе работи околу пет часови во текот на денот. Бројот на работни часови ќе варира зависно од хидролошките услови. Согласно анализите изработени во рамките на Идејниот проект, ХЕ Бошков Мост годишно просечно ќе произведува 117 GWh електрична енергија.

Имплементатор на проектот ќе биде АД ЕЛЕМ и истиот се очекува да заврши до 31 декември 2016 година.

Вкупниот износ на Проектот е проценет на 107.000.000 евра. За реализација на Проектот обезбеден е заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 65.000.000 евра, додека АД ЕЛЕМ ќе учествува со сопствени средства во износ од 42.000.000 евра. Дополнително, Европската банка за обнова и развој ќе обезбеди техничка помош во вид на грант, во вкупен износ до 340.000 евра за финансирање на технички работи, работи поврзани со животната средина и инженерски услуги.
Како заемопримач се јавува АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција.

Во претресот  учествуваа пратениците г. Марјанчо Николов, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Ромео Тренов, г. Изет Зеќири, г. Стојко Пауновски, г. Миле Андонов и г-ѓа Лилјана Кузмановска.

Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – втора фаза претставува продолжување на успешната реализација на првиот проект. Втората фаза од овој проект претставува продолжување на поддршката на приватниот сектор и е една од главните анти кризни мерки на Владата на Република Македонија, истакна заменикот на министерот за финансии г. Недим Рамизи во образложението по Предлог на законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – II фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот.

Средствата предвидени за реализација на втората фаза на овој Проект, изнесуваат 50.000.000 ЕВРА. Заемопримач ќе биде МБПР, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција. МБПР ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки до крајните корисници. Најмалку 70% од оваа кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на мали и средни претпријатија, додека под други приоритетни проекти, кои можат да се финансираат со најмногу 30% од средствата предвидени за оваа кредитна линија се подразбира мали и средни инвестиции, кои ќе бидат преземени од крајните корисници во било која големина во областа заштита на животната средина, економијата базирана на знаење, енергија, инфраструктура (вклучувајќи го здравството и образованието), индустрија, туризам, трговија и други услужни дејности.  Рокот за отплата на секоја транша од заемот може да изнесува од најмалку четири години до најмногу осум години од датумот на повлекување на траншата, со вклучен грејс период од најмногу две години од датумот на повлекување на траншата. Рокот за отплата на заемот ќе се одреди за секоја транша одделно на денот на доставувањето на барањето за повлекување на средствата од заемот од страна на  Македонската банка за поддршка на развојот. Траншата може да се отплати и еднократно на ден кој е помеѓу три и пет години од денот на повлекување на траншата.

Додека по Предлог на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија, заменик на министерот за финансии г. Недим Рамизи посочи дека Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија претставува продолжување на успешната соработка меѓу Владата на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа чиј прв заеднички проект во оваа област е Проектот за изградба и опремување на фискултурни сали во средните училишта во износ од 14.300.000 ЕВРА  од кои 12.500.000 ЕВРА заем од ЦЕБ и 1.800.000 евра од Буџетот на Република Македонија. Со овој заем беше опфатена  изградба или реконструкција на 30 фискултурни сали. 

Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија има за цел унапредување на физичкото образование, како и подобрување на севкупните услови за учење на учениците во основните и средните училишта.

Проектот се состои од две компоненти:

  • изградба и опремување на 70 фискултурни сали во основни училишта во насока на подобрување на физичката подготвеност и здравјето на учениците, а со тоа и нивната способност за исполнување на образовните цели и обврски. Директна придобивка од оваа компонента на проектот ќе имаат околу 42.000 ученици на кои ќе им се овозможат услови за следење на наставата по физичко воспитување, а ќе бидат опфатени вкупно 50 општини и
  • реновирање на околу 240 основни и средни училишта кои опфаќаат: реконструкција на покриви во 49 училишта; инсталација на системи за греење во 30 училишта; замена на дотраени прозорци во 41 училиште; реконструкција на санитарни јазли во 53 училишта; замена на подови во 19 училишта; санација на електрична инсталација во 20 училишта и ургентни градежни работи кои би се појавиле во текот на реализација на проектот. Спроведувањето на овој дел од проектот е во насока на обезбедување соодветна околина и подобрени услови за образовната дејност. Директна придобивка од втората компонента на овој проект ќе имаат околу 110.000 ученици и наставници, а ќе бидат опфатени 51 општина. Вкупната вредност на Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија изнесува 45.000.000 ЕВРА. Банката за развој при Советот на Европа ќе учествува во неговото финансирање со 67% од вкупната вредност на Проектот, односно со 30.000.000 ЕВРА, додека Република Македонија ќе учествува во реализацијата на овој Проект со 33% од вкупната вредност, односно со 15.000.000 ЕВРА. Рокот на отплата на секоја транша може да биде најмногу 20 години, со вклучен грејс период до 5 години. Заемот ќе се повлекува во неколку транши. Износот на секоја транша ќе се одредува во зависнот од напредокот во изградбата на фискултурните сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта во Република Македонија, како и планираните активности за идниот период. Каматната стапка и валутата ќе се одредуваат за секоја транша од заемот одделно на денот на повлекување на истата. Каматната стапка за сервисирање на заемот може да биде варијабилна или фиксна.

Во претресот учествуваа пратениците г. Николче Ацевски, г. Марјанчо Николов, г. Ромео Тренов, г. Стојко Пауновски, г. Изет Зеќири и г-ѓа Светлана Карапетрова.

По Предлог на закон, Комисијата разгледа 8 амандмани поднесени од страна на пратениците, воедно истите амандмани и не ги усвои на седницата.

Во однос на Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со прв дел од заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија – Смоквица (по скратена постапка), заменикот на министерот за финансии г. Недим Рамизи истакна дека проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија - Смоквица е голем проект со кој се предвидува изградба на нова модерна автопатска делница Демир Капија – Смоквица, во должина од околу 28.18км, во согласност со Европските стандарди, со што ќе се комплетира главната оска од Коридор Х која поминува низ Република Македонија. Заради комплексноста на теренот на кој ќе се извршуваат градежните работи, Проектот е оценет како доста сложен и опфаќа изградба на неколку големи објекти од типот на мостови, тунели, надпатници и патни јазли.

Согласно проценката на Европската инвестициона банка (ЕИБ), вкупната вредност на Проектот изнесува околу 300.000.000 ЕВРА, од кои 271.500.000 ЕВРА се инвестициски трошок, а 28.500.000 ЕВРА претставуваат резерва за покривање на непредвидливите трошоци. Финансирањето на Проектот, освен со заемот од ЕИБ ќе се врши и од други извори: грант средства од Европска Унија преку ИПА во износ од 45.000.000 ЕВРА, заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 90.000.000 ЕВРА и средства од Буџетот на Република Македонија во износ од 6.150.000 ЕВРА.

Во почеток на 2011 година е одобрен заем за овој проект во износ од 130.000.000 ЕВРА. Заемот ќе биде разделен на 2 дела од по 65.000.000 ЕВРА, при што за секој дел од заемот ќе се склучи посебен Финансиски договор. Заемот ќе се повлекува во најмногу 5 транши. Минималниот износ на една транша, освен за првата и последната транша, ќе изнесува 10.000.000 ЕВРА. Рокот за отплата на секоја транша од заемот изнесува од 4 години до најмногу 25 години од датумот на повлекување на траншата, со вклучен грејс период кој може да биде помеѓу 60 дена и 7 години. Траншата може да се отплати и еднократно на ден кој е помеѓу 3 и 16 години од денот на повлекување на траншата.Каматната стапка и рокот на отплата ќе се одредуваат за секоја транша од заемот одделно, на денот на доставувањето на барањето за повлекување на средствата од заемот од страна на Министерство за финансии, во зависниот од тоа која каматна стапка е поповолна за Република Македонија (фиксна или варијабилна).

Согласно член 15 од Уредбата за утврдување на меѓусебните односи на органите и структурите на децентрализирано управување со првите четири компоненти од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија спроведувањето на Проектот е обврска на Оперативната структура за регионален развој која што ја сочинуваат Министерството за финансии - Сектор за централно финансирање и склучување на договори, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта (Единицата за спроведување на Проектот).

Писмена потврда за степенот на пошумување, кое претставува мерка за ублажување на штетните влијанија врз животната средина кои би се предизвикале со изведувањето на градежните работи поврзани со Проектот, во форма на: а) билатерален договор потпишан меѓу Владата на Заемопримачот и Европската комисија кои се однесуваат на ко-финансирање на Проектот во рамките на Инструментот за претпристапна помош во вид на грант („ИПА“) кои содржат одредби кои се однесуваат на пошумување; б) ИПА Апликацијата за Проектот одобрена од страна на Европската комисија или в) ако горенаведениот билатерален договор за Проектот не е потпишан и ИПА Апликацијата за Проектот не е одобрена, планот за пошумување доставен до Банката во форма и содржина која е разумно прифатлива за Банката.

Во претресот учествуваа  пратениците г. Стојко Паунов и г. Драган Цуклев.

Образложение  по Предлогот на закон за задолжување на Град Скопје кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот “Со нови концепти за ефикасен сообраќај кон почисто Скопје“ без издавање на државна гаранција, даде заменикот  на миснистерот за финансии г. Недим Рамизи. Тој истакна дека овој проект ќе се реализира во две компоненти и тоа: изградба на Центар за управување и контрола на сообраќајот и рехабилитација и реконструкција на ул. Првомајска. Дел од потребните средства за реализација на овој проект во износ од 5.600.000 евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР. За таа цел, ќе се склучи Договор за заем меѓу Град Скопје и ЕБОР по Проектот “ Со нови концепти за ефикасен сообраќај кон почисто Скопје“. Град Скопје ќе учествува и со сопствени средства во износ од 1.71 милиони евра кои ќе бидат наменети за ДДВ, експропријација и за непредвидени трошоци кои би можеле да се појават во текот на реализација на проектот. Исто така, за потребите на проектот ЕБОР обезбеди и техничка помош во вкупен износ од 880.000 евра. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Град Скопје. Рокот за отплата е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години. Каматната стапка е еднаква на шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за 4,15 % на годишно ниво. Градот Скопје ќе и плати на Европската банка за обнова и развој еднократна провизија во висина од 67.200 евра.  За износот на неповлечените средства од заемот, на Европската банка за обнова и развој ќе и се плаќа провизија во висина од 0,6% од износот на неповлечените средства од заемот на годишно ниво. На обврските поврзани со заемот кои нема да се платат во предвидените рокови, ќе се плаќа казнена камата во висина на годишната каматна стапка зголемена за 2% на годишно ниво. За потребите од координација, управување, следење и евалуација на сите аспекти од имплементацијата на проектот, вклучувајќи ја и набавката на стоки, услуги и градежни работи за истата, Градот Скопје формираше Единица за имплементација на проектот  составена од преставници на надлежните сектори во градската администрација, назначени од страна на Градоначалникот на Град Скопје.

Единицата ќе биде помагана од страна на консултантска фирма финансирана со грант средства  од ЕБОР.

Во претресот учествуваше пратеникот г-ѓа Владанка Авировиќ.

На крај од расправата Комисијата заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не беа исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на законите и му предлага на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе горенаведените Предлог закони.

Click