Активности



Четврток, 13 октомври 2011 година

Средба на г. Антонио Милошоски со Делегација на Парламентарната група на Народното собрание на Кувајт

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, г. Антонио Милошоски, денеска оствари средба со Делегацијата на Парламентарната група на Народното собрание на Кувајт за пријателство со Собранието на Република Македонија. На средбата присуствуваа и пратениците: г. Јордан Пачков, г. Кенан Хасипи, г-ца Маринела Тушева, г-ѓа Тања Томиќ и г. Сафет Бишевац.

Во состав на Кувајтската делегација беа: г. Валид М. Ал-Табтабае, пратеник, претседател на Парламентарната група; г. Јаман Ал-Харбаш, пратеник, потпретседател на Парламентарната група, г. Мохамед Ал-Мутаири, пратеник, член на Парламентарната група, г. Бадер А. Ал-Табтабае; г. Талал С. Ал-Азми, секретар на Парламентарната група и г. Фаисал Ал-Хабаши, секретар во Амбасадата на Државата Кувајт во Анкара, Република Турција.

На почеток, претседателот Милошоски изрази задоволство од средбата и од воспоставените дипломатски односи на Република Македонија и Државата Кувајт под уставното име на нашата држава. 

Во однос на политичкиот план, г. Милошоски односите ги окарактеризира со меѓусебно почитување и со волја за значително унапредување, воедно потсети на склучениот договор за заемна поддршка во однос на кандидатурата на двете земји за членство во Советот за човекови права за периодот 2013-2016 година.

И покрај тоа што трговската размена не е на завидно ниво, со склучување на Спогодбата меѓу владите на двете земји за техничката и економската соработка во 2000 година се создадени правни претпоставки за унапредување на истата.

Кувајтската делегација се заблагодари за гостопримството, посочувајќи дека Македонија и Кувајт веќе имаат изградени пријателски, блиски односи, но овој вид на средби на парламентарните групи сè со цел да се зајакнат односите на парламентарно ниво.

Инаку, Парламентарната група на Народното собрание на Кувајт за пријателство со Собранието на Република Македонија е одговорна за целиот Балкан.

Кувајтската делегација ја покажа својата подготвеност за отворање на амбасада на Кувајт во Република Македонија, подобрување на бизнис соработката, како и било која идеја за инфраструктурна помош и иницијатива за отворање на директна авионска линија Скопје - Кувајт, од која најголема корист би имала Македонија, земајќи ја предвид централната местоположба на Балканот.

Присутните се согласија дека предложените иницијативи се добри и заслужуваат да бидат разгледани на ниво на двете Влади на овие земји.

Воедно, тие заклучија дека ваквиот тип на посети внесуваат дополнителен импулс во развојот на односите, потврда за интересот и подготвеноста на двете земји за нивно унапредување.

Click