Активности



Петок, 21 октомври 2011 година

Средба на г-ѓа Светлана Јакимовска со Н.Е. Јуха Отман

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари протоколарна средба со Н.Е. Јуха Отман, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Финска за Република Македонија, со седиште во Загреб.

На средбата г-ѓа Светлана Јакимовска, во свое лично име и во име на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, му упати честитки на г. Јуха Отман за именувањето на вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Финска за Република Македонија, притоа истакнувајќи дека се запознати со добрите политички релации на Република Македонија и Република Финска и за поддршката што Република Финска ѝ ја дава на Република Македонија за нејзиното приоритетно прашање - зачленување во Европската унија.

Во своето понатамошно обраќање потпретседателот, г-ѓа Светлана Јакимовска истакна дека е познат ставот на Република Финска за тоа дека таа сака да се отворат вратите на Европската унија за проширување со нови членки.

Потпретседателот, г-ѓа Светлана Јакимовска, го запозна амбасадорот дека Собранието на Република Македонија има формирано Парламентарна група за соработка со парламентот на Република Финска, чиј шеф на делегација е таа.

Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Финска за Република Македонија, Н.Е. Јуха Отман изјави дека оваа средба е добра основа за понатамошна соработка, при тоа истакнувајќи дека во овој период ќе биде директор за проширување со Западен Балкан што ќе му даде добра можност за увид во состојбите во регионот.

Тој повтори дека се поддржувачи на политиката за проширување на ЕУ и отворање на вратите за нови членки затоа што тоа ќе биде придобивка и за ЕУ и за земјите-членки на Европската унија.

На крајот од средбата потпретседателот, г-ѓа Светлана Јакимовска му посака  успешен мандат на амбасадорот истакнувајќи декаа оваа средба е само почеток на една успешна соработка.

 

 

 

 

Click