Активности



Вторник, 8 ноември 2011 година
 
Средба на потпретседателот Јакимовска со стипендистите на ИПС
 
Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска ги прими Горан Јорданоски, Тијана Росо и Марија Чорбева, кои пет месеци како стипендисти на Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) престојуваа во Бундестагот.

Во неформалниот разговор, потпретседателката се интересираше за искуствата кои младите стипендисти ги стекнаа во текот на својот престој во Бундестагот.

Стипендистите, изразувајќи го задоволството од престојот во Германија, ги споделија своите впечатоци и ги пренесоа искуствата стекнати во германскиот парламент, кои се надеваат дека ќе им помогнат во изградбата на нивната кариера.

Позитивно е оценето тоа што на стипендистите пред да заминат во Германија им се овозможува во текот на две седмици да се запознаат со работата на сите сектори во македонското собрание, а сите служби им стојат на располагање за која било услуга што им е потребна.

Госпоѓа Светлана Јакимовска, по вторпат го води проектот Меѓународна парламентарна стипендија (ИПС) како активност на Бундестагот, во соработка со неколку факултети и Собранието на Република Македонија.

Проектот веќе 10 години традиционално се спроведува и се презема сè за Програмата да се афирмира во јавноста, со што директно се придонесува младите луѓе да станат мост меѓу парламентите, а воедно и учесници во реформите неопходни за евроинтеграциите.

Click