Активности

Понеделник, 26 септември 2011 година

Средба на Македонската собраниска делегација во ПС СЕ, со известителот Роберт Валтер

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), денеска оствари средба со г. Роберт Валтер, известител на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа (Мониторинг комисија).

На средбата присуствуваа шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), г. Александар Николоски; членот на Делегацијата, г. Игор Ивановски и заменик-членовите, г. Александар Спасеновски и г-ѓа Соња Мираковска.

Гостинот беше информиран за политичката и економската ситуација во нашата земја, за употребата на јазиците, спроведувањето на Охридкиот рамковен договор, реформските процеси, формирањето на владејачката коалиција и справувањето на Република Македонија со светската економска криза.

Известителот на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа, г. Роберт Валтер, изјави дека во нашата земја е дојден за да слуша и да ги проследи случувањата после изборите. Тој се интересираше за процесот на донесувањето на законите и за контролната функција на Парламентот врз Владата. 

Неговиот извештај за Република Македонија се очекува да биде презентиран следната година.

Двете страни изразија задоволство од средбата, надеж дека добрата соработка ќе продолжи, како и верување дека Република Македонија во блиска иднина ќе го финализира пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Click