Активности



Четврток, 13 октомври 2011 година

Воспоставување на амбасади и засилена економска соработка – важна цел во односите меѓу Македонија и Кувајт

Македонија и Кувајт се пријателски земји кои треба да ја интензивираат  економската соработка, бидејќи имаат заеднички интереси. За засилување на соработката, најпрво треба да се решат многу проблеми, како визниот режим, авионските линии, амбасадите и слично - беше истакнато на денешната средба меѓу Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на земјите од Блискиот и Средниот Исток и Делегацијата на Парламентарната група на Народното собрание на Кувајт за пријателство со Собранието на Република Македонија.

Со средбата претседаваше претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на земјите од Блискиот и Средниот Исток, г. Газменд Алији,  а учество зедоа и членовите на Групата: г-ѓа Бети Кузмановска, г. Диме Маџовски, г-ѓа Елена Павлова, г-ѓа Хајрије Мисими и г. Ердоган Сарач.

Во состав на Кувајтската делегација беа: г. Валид М. Ал-Табтабае, пратеник, претседател на Парламентарната група; г. Јаман Ал-Харбаш, пратеник, потпретседател на Парламентарната група, г. Мохамед Ал-Мутаири, пратеник, член на Парламентарната група, г. Бадер А. Ал-Табтабае; г. Талал С. Ал-Азми, секретар на Парламентарната група и г. Фаисал Ал-Хабаши, секретар во Амбасадата на Државата Кувајт во Анкара, Република Турција.

На почетокот од средбата, г. Газменд Алији изрази благодарност за посетата и за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Кувајт.

Македонската страна ги запозна гостите со работата на Парламентот и економската политика на Владата, актуелните проекти и можноста за инвестиции во земјата, притоа потенцирајќи дека Македонија е високо оценета од страна на релевантни меѓународни фактори како земја со многу поволни услови за водење бизнис.

Од своја страна, Кувајтската делегација најпрво се заблагодари за гостопримството на кое наишле во нашата земја, за топлиот пречек, кој направил да се чувствуваат како дома.

Воспоставувањето на амбасади во двете држави се издвои како главен предлог кој треба да се иницира што поскоро, а кој ќе придонесе за засилена соработка на повисоко ниво, која ќе биде во заемна корист.

Исто така, ослободувањето од визите би ги олеснило туристичките врски меѓу двете држави. Ова прашање, Кувајтската делегација вети дека ќе го постави што поскоро во нивниот Парламент.

Двете страни констатираа дека и Кувајт и Македонија се мали држави, со мал број на население, но за разлика од нашата земја која се соочува со проблемот на невработеноста, во Кувајт таа речиси и да ја нема.

Малата стапка на невработеност, како што објасни претседателот Валид М. Ал-Табтабае, се должи на тоа што Кувајт е демократска земја на кувајтскиот народ,  кој е високо заштитен со закони и на кој му се дава предност за вработување пред огромниот број странски работници во земјата.

Кувајтската дклегација потенцира дека и Република Македонија на свој начин е богата земја, дека има добра вода и многу добро подготвен научен кадар, кој би можел да биде корисен за нив.

На крајот, двете страни изразија надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина, со засилен интензитет, на задоволство на двете држави.

Click