Активности

Четврток, 29 септември 2011 година

Заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања денес одржаа заедничка седница на која се расправаше за Акцискиот план за активностите кои треба да се превземат, а произлегуваат од препораките на Европската комисија.

На седницата на Советот присуствуваа: г. Атила Пинтер, советник и заменик шеф на мисијата на амбасадата на Република Унгарија во Република Македонија, г-ѓа Марина Курте, советник за европски интеграции и правни прашања во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија и г. Андреј Калиновски, советник во амбасадата на Република Полска во Република Македонија.

Акцискиот план го образложи г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за европски прашања. Во своето излагање, г-ѓа Арифи пред членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции и членовите на Комисијата за европски прашања истакна дека Акцискиот план е одговор на листата на задачи добиени од страна на европскиот комесар за проширување г. Штефан Фуле и директорот на Генералниот Директорат за проширување на ЕК, г. Стефано Санино.

Акцискиот план адресира неколку значајни прашања, се состои од неколку области, почнувајќи од точките поврзани со Охридскиот рамковен договор, донесување на акциска програма и рамка за финансирање на локалната администрација, за програмата за спроведување на декадата на Ромите. Втората област од Акцискиот план ги опфаќа реформите во јавната администрација со клучна улога на Министерството за информатичко општество и администрација како координатор на реформата во областа. Во оваа област се посветува особено внимание на стандардите за вработување  - нулта толеранција за наместени работни места. Веќе е усвоен предлогот од МИОА во врска со процесот на тестирање на младите административци, а според новиот систем се овозможуваат нови 500 прашања. Идејата на Европската унија е дека може да се направи повеќе не само во квантитетот туку и во квалитетот на вклучување на младите административци од заедниците, при што се одговара со систем на обуки за новите вработени.

Реформите во судството се трета област од Акцискиот план каде главен акцент е ставен на потребата да се забрза работата на Управниот суд, забрзување на законскиот рок за вработување на судии и јавни обвинители од кандидатите на Академијата за обука на судии и обвинители, развивање на статистика за обезбедување на сигурни податоци за споредување на ефикасноста на судскиот систем, како и јасно дефинирање на основата за дисциплинските мерки и разрешување на судии.

Во однос на прашањата поврзани со борбата против корупција, во Акцискиот план  предвидени се измени во овластувањето на Министерството за внатрешни работи во делот на прислушувањето, како и измени на Законот за следење на комуникации и Законот за спречување на судир на интереси, со цел да се воведат проверки во содржината на изјавата за интерес и да се обезбеди целосна усогласеност со Законот за финансирање на политичките партии.

Во однос на препораките за областа на слободата на изразување се постапува преку неколку активности: задолжителна обука за сите судии и обвинители со надлежност да постапуваат со случаите на клевета, од Министерството за правда до Владата е доставена информација за европските практики за случаите на декриминализација на клевета .

Организирањето на тркалезната маса посветена на градењето на дијалог со медиумите била позитиво оценета во Брисел при што е побарано да се одржува континуитет на темата.

Во однос на препораките во областа на правото на Унијата, со Акцискиот план е одговорено со усогласување на давачките во областа на царината како и во однос на енергетиката со измена на тарифите за електричната енергија.

Госпоѓа Арифи информираше дека по добивање на Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија во 2011 година, ќе се подготви нов акциски план кој ќе ги адресира забелешките од Извештајот.

Во расправата на заедничката седница на Националниот совет и Комисијата за европски прашања, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г. Јани Макрадули, г. Гордан Георгиев, г. Антонио Милошовски, г. Павле Трајанов, г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Маринела Тушева, г. Зиадин Села, пратеници во Собранието на Република Македонија, г.Димитар Мирчев член на Националниот совет и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и г. Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија.

дневен ред записникстенографски белешки

Click