Активности



Петок, 16 март 2012 година

Десетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Десеттата седница, одржана на 15 март 2012 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија;
  • Предлогот на закон за вршење дејности и услуги од мал обем, поднесен од пратеникот Ивон Величковски.

- Образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, даде претставникот на предлагачот г. Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија.

Беше истакнато дека Министерството за економија како надлежен орган којшто ја регулира областа, односно сферата на туризмот, се јавува како предлагач на овој Предлог-закон. Суштината на предложените измени е зајакнување на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и истовремено истата да биде поефикасна.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е основана со закон, чија цел е да претставува интегрална целина и институција којашто ќе работи за унапредување и развој на туристичката дејност во Република Македонија.

Беше истакнато дека Владата на Република Македонија одржува постојани и интензивни суштински контакти со реалниот сектор во земјата, посебно со асоцијациите коишто ги обединуваат туристичките работници, како што се хотелиерите, сместувачките објекти, така и туристичките агенции.

Од тие причини се предлагаат овие измени, каде што на нивно барање, Министерството за економија ги внесува во уште поголем обем, самите туристички работници да учествуваат во работата и управувањето на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Со предвидените измени и дополнувања, органот на управување, односно Управниот одбор, предвидено е да има два претставника од реалниот сектор, како и една сосема нова советодавна форма, односно се предвидува да се формира совет којшто ќе биде составен пред сè од претставници од реалниот сектор, како и истакнати лица од сферата на науката, односно експерти во оваа област.

Беше истакнато дека во делот на надлежностите, Министерството за економија предвидува надлежност на формирање на туристички развојни зони, како еден концепт којшто е на разгледување во Владата на Република Македонија.

Во таа насока за промовирање и поттикнување на туризмот во Република  Македонија се подготвува нов Закон, во којшто се предвидува отворање на туристички развојни зони, со што би биле олеснети условите за инвестирање во истите. Надлежната институција ќе биде Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија.

Во претресот учествуваа: претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго; членовите: г. Миле Андонов и г. Стојко Пауновски; заменик-членовите: г. Милорад Додевски и г. Ердоган Сарач; пратеникот г-ѓа Лилјана Поповска и г. Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија.

- Во својство на предлагач, образложение на Предлогот на закон за вршење дејности и услуги од мал обем, даде пратеникот Ивон Величковски.

Беше истакнато дека предложениот закон претставува новина којашто се предлага како законско решение, со којашто се пропишува поедноставена постапка за регистрација на дејностите од мал обем.

Според предложениот закон, се предвидува регистрирање на вршителите на дејностите и услугите од мал обем во Локалната самоуправа, каде што данокот ќе се плаќа врз паушална основа и нема да бидат должни да водат сметководство.

Во предложениот текст, целта на предложениот закон е легализација на одделни активности, кои досега беа дел од неформалната, односно од таканаречената сива економија.

Законското решение го поттикнува претприемништвото, односно приватната иницијатива на граѓаните, а во основа се придонесува кон самовработување или дополнување на семејните приходи врз основа на претприемнишките способности на истите и нивната стручност, согласно јасна и прецизна легислатива.

Со предложените решенија ќе дојде до регистрирање на дејноста, односно услугата којашто граѓанинот ќе биде во можност да ја даде на пазарот, во соодветна процедура и врз основа на еднакви услови на пристап на граѓанинот кон слободниот пазар, согласно неговите знаења, квалификации и можности.

Пратеникот Величковски истакна дека истовремено предложеното законско решение упатува на интеракција на граѓанинот со Единиците на локалната самоуправа и нејзиното постапување по службена должност во однос на регистрација на дејноста, односно услугата на граѓанинот, со што би дошло до постигнување на целта на непосредно остварување на правата и интересите на граѓаните во е поедноставна постапка.

Предложениот закон не предвидува фискални импликации во Република Македонија и истиот ќе овозможи прилив на средства во Буџетот, кои досега не биле опфатени, надминувајќи го јазот на неоданочување на услугите коишто граѓаните ги пружаат во неформалната економија.

Во образложението пратеникот Ивон Величковски ја презентираше содржината на одредбите на преодниот Закон. Од големо значење е тоа што предложениот закон создава услови за елиминирање на нелојалната конкуренција. Предлогот на закон за вршење дејности и услуги од мал обем е систематизиран во девет поглавја, со вкупно 27 членови. Пратеникот Ивон Величковски детално ги образложи сите поглавја на предложениот Закон.

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго; членовите: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Стојко Пауновски, г. Драган Цуклев и г. Газменд Алији; заменик-членовите: г. Ердоган Сарач и г. Реџаиљ Исмаили; пратениците г-ѓа Лилјана Поповска и г. Ивон Величковски, како и г. Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања, со мнозинство гласови, заклучи дека врз основа на расправата и членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање, додека Предлогот на закон за вршење дејности и услуги од мал обем во прво читање, поднесен од пратеникот Ивон Величковски, не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Click