Активности



Четврток, 26 април 2012 година

Единаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Единаесеттата седница одржана на 17 април и нејзиното прво продолжение на 25 април 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија (второ читање);
  2. Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2011 година;
  3. Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2011 година.

-  По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, Комисијата претресе пет амандмани, од кои четири не усвои, а еден беше повлечен од предлагачот.

Комисијата заклучи овој Предлог на закон да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Во однос на Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2011 година, во својство на претставник на предлагач, на седницата присуствуваше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров, кој го образложи Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2011 година, изнесувајќи детални информации за извршување од Законот за енергетика, како и информации за материјално финансиското работење на Комисијата.

Беше нагласено дека Годишниот извештај е доста обемен и содржаен и во многу прецизни детали се дадени активностите на Комисијата, остварени согласно со Законот за енергетика, преглед на сите активности со посебен осврт на цените, тарифите и сите постапки коишто се донесени во текот на 2011 година, преглед на сите активности во поглед на материјално финансиското работење, како и сите активности на домашно и меѓународно поле.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика истакна дека за разлика од минатогодишниот Годишен извештај, концептот на истиот е сменет по основ на новите упатства од страна од Законот за енергетика, како и забелешките од страна на пратениците од Собранието на Република Македонија.

Комисијата со пет гласа „за” и три „воздржани“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2011 година и го достави до Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои на својата седница;
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

- Во врска со Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2011 година, во својство на претставник на предлагач, на седницата присуствуваше претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, г. Чедомир Краљевски, кој го образложи истиот.

Беше истакнато дека постојат три столба во коишто се движи функцијата и активностите на оваа Комисија во однос на заштита на конкуренцијата.

Првиот столб е детекција, односно откривање и класифицирање, односно квалификување на прекршоци коишто подразбираат забранети договори. Тоа значи дека фирмите кои учествуваат и егзистираат на пазарот во Република Македонија по одредени параметри на конкуренцијата, забрането е да се договараат, бидејќи на тој начин другите фирми ги ставаат во подредена и понеповолна позиција по однос на слободната конкуренција на пазарот и поради тоа таквите однесувања се санкционираат од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тука спаѓаат цените, поделбата на пазарот и слично.

Вториот столб е откривање на фирми кои имаат доминантна позиција на пазарот и истата ја злоупотребуваат, додека третиот столб е оценка на концентрациите, односно спојувањето на фирмите и создавање на нови субјекти на пазарот. Целта е да не се создаде нова фирма која би имала доминантна позиција на пазарот и истата да биде злоупотребена.

Комисијата за економски прашања едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2011 година и го достави до Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои на својата седница;
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Комисијата за заштита на конкуренцијата и до Владата на Република Македонија.
Click