Активности

Вторник, 24 април 2012 година

Единаесетта седница на Комисијата за образование, наука и спорт

Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија, на 11. Седница, одржана на 18 април 2012 година, во прво читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за образование на возрасните.

Предлогот на законот го образложи заменикот на министерот за образование и наука, г. Сафет Незири. 

Целта на предложените измени и дополнувања на Законот е да се регулира процедурата за верификација на посебни програми за неформално образование и на институции кои реализираат образование на возрасните. 

Со оглед на тоа дека се работи за комплексен процес кој опфаќа значителен број на понудувачи на услуги, предложените законски решенија ќе овозможат тековно одвивање на верификацијата и континуирано стекнување со компетенции на возрасната група граѓани. 

Врз основа на компаративните анализи за законските решенија за образование на возрасните во европските земји, се предлага и терминолошко усогласување во Законот. 

Во дискусијата учествуваа пратениците: г. Митре Велјаноски и г-ѓа Билјана Казанџиска.

Комисијата, врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со седум гласа „за"  и четири „воздржани", констатира дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

 
Click