Активности



Среда, 15 февруари 2012 година

Дванаесетта седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на 6, 7 и 8 февруари 2012 година, ја одржа својата Дванаесетта седница, нејзиното прво и второ продолжение.

- На 6 февруари Комисијата како матично работно тело во прво читање ги разгледа: Предлогот на закон за изменување на Законот за семејство и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, кои ги образложи претставникот на Владата на Република Македонија, заменик-министерот за труд и социјална политика, г. Ибрахим Ибрахими, кој истакна дека причината поради кои се менуваат овие  Закони се нивните усогласувања со други закони.

Во однос на двата Предлог-закони, врз основа на членот 141 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата констатираше дека има потреба од нивни донесувања, имајќи ги предвид начелата врз кои се засновуваат Предлог-законите, основните односи што се уредуваат со законите и начинот на кој се предлага нивното уредување.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата едногласно по  Предлогот на закон за изменување на Законот за семејство и со 9 гласа „за“ и 1 „воздржан“ по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, констатираше дека овие Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно, односно на второ  читање.
 
- На Првото продолжение на Дванаесеттата седница, одржано на 7 февруари, Комисијата, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност - I читање, поднесен од пратениците: Радмила Шекеринска-Јанковска, Гордан Георгиев, Наташа Савова-Салковска, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска-Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голупчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јовковска Ефтимоска, Менде Диневски, Стојко Пауновски, Тито Петковски, Ивон Величковски, Горан Мисовски, Соња Мираковска, Николче Ацевски, Рејхан Дурмиши, Фијат Цаноски, Ленче Николовска, Мевмет Џемајлоски и Сафет Бишевац. 

Потребата од донесување на Предлог-законот ја образложи овластениот предлагач, пратеникот Цветанка Иванова, која истакна дека пред неполна недела се донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, но со ова законско решение не се согласиле синдикатите, опозицијата и медиумите.

Со донесеното законско решение, истакна таа, драстично се намалуваат работничките права, во состојба кога во Република Македонија има голем процент на невработеност и голем процент на сиромаштија. Таа смета дека не треба да се намалува периодот во кој работниците треба да примаат паричен надоместок, а намалувањето е од 5 години на 18 месеци.

Механизмот на заштита кој се нуди, е враќање на членот 98 од Законот за работните односи. Според тоа, работодавачот по прогласувањето на работникот за технолошки вишок нема да смее на тоа исто работно место да не прима друг работник.

Исто така, се предлага уште еден механизам, и тоа, доколку се појави потреба од истото работно место за кое работникот бил прогласен за технолошки вишок, тогаш приоритет при вработување да има работникот кој бил прогласен за технолошки вишок.

Како механизам за заштита на работниците се нуди вградување на обврска, според која, работникот, за да биде прогласен за технолошки вишок, мора да биде вработен минимум две години кај ист работодавач.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за труд и социјална политика, со 3 гласа „за“ и 6 „против“, констатираше дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно, односно на второ  читање.

- Комисијата за труд и социјална политика како матично работно тело, на Второто продолжение на Дванаесеттата седница, одржанo на 8 февруари, во прво читање ги разгледа: Предлогот на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлогот на закон за дополнување на Законот за работните односи, двата поднесени од пратениците: Радмила Шекеринска-Јанковска, Гордан Георгиев, Наташа Савова-Салковска, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска-Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голупчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јовковска Ефтимоска, Менде Диневски, Стојко Пауновски, Тито Петковски, Ивон Величковски, Горан Мисовски, Соња Мираковска, Николче Ацевски, Рејхан Дурмиши, Фијат Цаноски, Ленче Николовска, Мевмет Џемајлоски и Сафет Бишевац.

Потребата од донесување на Предлогот на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување ја образложи овластениот предлагач, пратеникот Цветанка Иванова, која истакна дека со бришењето на членот 203 во 2007 година, земјоделците го изгубиле правото да остварат пензија за период од десет години, платен, а не признаен придонес.

Таа ги презентираше барањата на земјоделците, и тоа, да се врати членот 203, да се овозможи земјоделците да го откупат преостанатиот стаж кој им е потребен за пензионирање, да се изедначат со правото за пензиско и инвалидско осигурување, со што ќе имаат можност и на семејна и на инвалидска пензија, да се ослободат од плаќање на затезна камата за ненавремени платени придонеси пред 2004 година.

Исто така, во ова законско решение се предлага и прецизирање за престанок на својството индивидуален земјоделец.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата со 4 гласа „за“ и 7 „против“, констатираше дека овој Предлог-закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно, односно на второ  читање.
 
Предлогот на закон за дополнување на Законот за работните односи - I читање, пак, го образложи овластениот предлагач, пратеникот Весна Бендевска, која истакна дека во 2008 година опозицијата била надвор од Собранието и во тој период, Владата и парламентарното мнозинство донеле 146 закони кои нанесуваат тешки последици кои се чувствуваат и денес.

Во тој период бил избришан членот 98 од Законот за работни односи, според кој, кога работникот ќе биде прогласен за технолошки вишок, како заштитен механизам во основниот закон, се предвидувало истиот работодавач да не смее во рок од една година да го пополни тоа работно место со друг работник, односно доколку се почувствува потреба од истото работно место, да се врати работникот кој бил прогласен за технолошки вишок.

Исто така, таа истакна дека во јануари годинава, парламентарното мнозинство изгласало закон за социјална неправда, каде се скратил периодот за можно примање на надомест во случај на губење на работното место од деловни причини, од предвидените 60 месеци на 18 месеци. Во овој предлог, работодавачот ќе треба да го држи работното местото празно две години, а доколку се појави потреба да го врати истиот работник на тоа работно место.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата со 3 гласа „за“ и 7 „против“, констатираше дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно, односно на второ  читање.

Click