Активности



Петок, 11 мај 2012 година

Тринаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Тринаесеттата седница, одржана на 9 мај 2012 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стандардизација;
  2. Предлогот на Закон за туристички развојни зони.

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Костеска.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стандардизација,  беше истакнато дека со предложените измени и дополнувања на Законот за стандардизација ќе дојде до доуредување и допрецизирање на одделни делови од Законот којшто ќе овозможат негова полесна применливост, а на Институтот за стандардизација на Република Македонија ќе му ја овозможат и обврската да ја реализира својата апликација за исполнување на деветте услови за полноправно членство во Европскиот комитет за стандардизација и Европскиот комитет за електротехничка стандардизација.

Измените и дополнувањата коишто се обврска за усогласување со законодавството на Европската унија се дадени во членот 4 во Законот за стандардизација, каде што се дефинираат и две уредби коишто се услов за нотификација, и тоа Уредбата за постапката за известување на Европската комисија за донесување на технички и нехармонизирани прописи, технички спецификации и стандарди и Уредбата за постапките за нотификација на стандарди и технички прописи и постапки за оцена на сообразност и санитарни и фитосанитарни мерки коишто произлегуваат од обврската на Институтот за стандардизација во Светската трговска организација, како и нотификација на стандарди и стандардизациски документи (CEN/CENELEC).

Заменик-министерот за економија истакна дека останатите измени во голем дел се од технички карактер. Во предложените измени и дополнувања има одредени усогласувања со Законот за установи, којшто беше донесен во 2005 година, како и терминолошки усогласувања со терминологијата на Европската унија.

- По Предлогот на Закон за туристички развојни зони беше истакнато дека со него ќе се уредат погодностите за инвестирање во туристичките развојни зони, условите, начинот и постапката за основање на ваквите зони, нивниот развој и работење, како и дејностите коишто се вршат и посебните услови за нивно вршење.

Основни решенија којшто ги нуди овој Закон се формирање на туристички развојни зони на територијата на Република Македонија, управување на зоните од страна на домашни или странски правни лица, можноста за давање на државна помош во форма на даночни олеснувања и ослободувања во согласност со Законот за државна помош и тоа во форма на регионална државна помош.

Во однос на начинот на отуѓување на земјиштето во рамките на зоната, беше истакнато дека истото ќе се врши по пат на јавно надавање од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, а постапката е целосно усогласена со Законот за отуѓување и Законот за градба.

Во Законот е дефиниран и надзорот за работењето на овие зони којшто ќе се врши од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија.

Заменик-министерот за економија истакна дека досега се дефинирани осум развојни зони и во блиска иднина со домашни странски инвеститори ќе се продолжи со основање на вакви зони, со цел во Република Македонија да се има забрзан развој во областа на туризмот, како и забрзување на целокупниот економски развој.

  • Во однос на двата Предлог-закони, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click