Активности



Понеделник, 10 септември 2012 година

Петнаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Петнаесеттата седница, одржана на 5 септември 2012 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за минерални суровини;
  2. Предлогот на закон за Геолошки завод на Република Македонија;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила;
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност;
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност;
  6. Предлогот на закон за дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал;
  7. Предлогот на закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал.

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

- По Предлогот на закон за минерални суровини, г. Сараќини истакна дека главната причина за негово донесување с е условите и начинот на вршење на геолошките истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини, со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност во согласност со начелата на одржлив развој и заштита на животната средина, надзорот и условите при вршењето на геолошките истражувања, експлоатација и преработка на минералните суровини, мерките и начинот со кои се спречува или намалува до најмала можна мерка штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето, кое може да настане како последица од управувањето со отпадот што се создава и веќе создадениот  отпад од истражувања, експлоатација и преработка на минералните суровини.

Со Предлог-закон ќе се формира и Геолошкиот завод на Република Македонија, ќе се поттикнуваат и унапредуваат геолошките истражувања, експлоатацијата и преработка на минералните суровини, со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност во согласност со начелата на одржлив развој и заштита заштита на животната средина, ќе се зголеми надзорот и ќе се подобрат условите при вршењето на геолошките истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини и ќе дојде до зголемување на преработката на минералните суровини.

Се воведуваат и научни и проспекциски истражувања, а со цел собирање на основни податоци за состав, градба и структура на земјата. Вршењето на детални геолошки истражувања се предвидува да биде за сите видови на минерални суровини, освен за песок и чакал, сите видови на глини и собирен кварц.

Како новина е предвиденото решение кое е во функција на скратување на постапките за доделување на концесии.
Периодот за кој се доделува концесијата за експлоатација, е предвидено да биде 30 години, со можност за продолжување за уште еден период од 10 години, додека периодот за песок и чакал, сите видови на глини и собирен кварц периодот за кој се доделува, концецијата изнесува 5 години.

Рударскиот отпад е решен со оваа законско решение, што значи со издавањето на дозволата за експлоатација му се бара план за управување со отпад.

Во делот на надзорот, во Предлог-законот се предвидува Управата за јавни приходи да ја врши наплатата на концесиски надоместоци.

- Предлогот на закон за Геолошки завод на Република Македонија е во насока на развој на рударскиот сектор и рационално искористување на минералните суровини.

Целта на предложениот закон е основање на Геолошки завод преку кој ќе се вршат истражувачките, стручно-аналитички и други работи од областа на основните геолошки истражувања од интерес на Република Македонија.

Геолошкиот завод ќе учествува во изготвувањето на програмите за експлатација на минералните суровини, кои потоа ќе се предлагаат во Министерството за економија - образложи министерот за економија.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, од страна на г. Сараќини беше истакнато дека со предложените измени и дополнувања ќе се усогласи терминологијата со терминологијата на европското законодавство, односно овозможување на ист третман на половните со новите возила.

Исто така, ќе се овозможи легализација на тракторите и тракторските приколки и допрецизирање за условите на работа во станиците за технички преглед.

Предложените измени и дополнувања се усогласени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и истовремено се создава законска основа за донесување на Правилникот за информирање на потрошувачот за потрошувачката на гориво и емисиите на CO2 во однос на продажбата на новите патнички возила.

Со усвојување на предвидените промени ќе дојде до зголемување на квалитетот во извршувањето на работите при технички преглед на возила од страна на стручните работници во овластеното прано лице за вршење на технички преглед.

Беше истакнато дека ќе дојде до регулирање на трошоците за издавање на одредени документи. Со регулирањето на цените за сите постапки ќе се постигнат позитивни ефекти, односно ќе се задржи квалитетот на работата и постапките за испитување на возилото, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали бројот на возила кои технички не се исправни по кој било критериум.

Исто така, ќе се овозможи реално покривање на трошоците на овластените субјекти кои ги спроведуваат постапките и ќе дојде до зголемување на учеството на ДДВ во Буџетот на Република Македонија.

- Министерот за економија, во образложението по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност, истакна дека предложените измени и дополнувања се со цел да се подобри туристичката клима и услови, односно да се остварат целите предвидени во областа на туризмот.

Со овој закон е превидено секој тур-оператор во Република Македонија да биде обврзан во рок од 24 часа да обезбеди туристички водич, агенција која поседува лиценца А или со градот во кој се планира патувањето, со што би се спречило носење туристички водичи од други земји.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, г. Ваљон Сараќини истакна дека со предложените измени и дополнувања на Законот ќе дојде до подобрување на туристичката клима и ќе се реализира стратегијата за развој на туризмот кој што е содржан во националната програма.

Со овој закон се предвидува да дојде до проширување со нов објект во угостителството, односно национален и традиционален ресторан кој би имал мени кое е во согласност со регионот и во кој бе се служела органска храна. Секој поединец којшто би сакал да има ваков вид на ресторан, ќе мора да исполнува одредени услови.

- Во образложение по Предлогот на закон за дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, министерот за економија истакна дека со предложените дополнување на Законот ќе се овозможи средствата (објекти, машини и друга опрема, влогови во други правни субјекти и друго) кои се наоѓаат во држава во која согласно националното законодавство не може да се запишат во сопственост на Република Македонија, да можат да се запишуваат на име на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Република Македонија и тие средства се смета дека се во сопственост на Република Македонија.

- По Предлогот на закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал, предложените дополнувања се по барање на инвеститорите во Република Македонија и се со цел да се создаде правна рамка за основање на друштво за посебна намена (ДПН) кое може да учествува единствено во реализација на договорот за купопродажба на акции односно удели.

Доколку најповолниот понудувач одлучи да основа ДПН, продавачот може да го склучи договорот за купородажба со ДПН. Продавачот во јавниот повик, како и во тендерската документација задолжително однапред треба да ја определи можноста правното лице или конзорциумот кој е избран за најповолен понудувач да основа ДПН со седиште во Република Македонија кое ќе го склучи договорот за купопродажба на акции односно удели, образложи министерот за економија.

  • На крајот од расправата, Комисијата за економски прашања заклучи дека горенаведените Предлог-закони во прво читање се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click