Активности



Понеделник, 29 октомври 2012 година

Осумнаесеттата седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Осумнаесеттата седница одржана на 22 октомври 2012 година како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2013 година;
  2. Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2013 година.

Во својство на претставник на предлагачот, на седницата присуствуваше г. Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Во расправата учествуваа членовите на Комисијата за економски прашања: г. Николче Ацевски, г. Миле Андонов, г. Марјанчо Николов и г. Стојко Пауновски.

Во образложението на Предлог-финансискиот план, г. Димитар Петров истакна дека тој е изготвен во согласност со Законот за енергетика, член 34 став (2) и треба да ги опфати сите трошоци, односно расходи на Комисијата, вклучително платите на членовите и на вработените и платите на второстепената Комисија.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови го усвои следниов Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот план за 2013 година на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, во образложение по Предлог-одлуката, предложи износот на утврдениот процент на зафаќање да изнесува 0,037%.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2013 година.

Click