Активности



Среда, 22 февруари 2012 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Дваесет и прва седница, како матично работно тело, во второ читање ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи;
  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка;
  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам;
  • Предлогот на закон за престанување на важењето на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Владата на Кралството Шпанија по Договорот за кредит за реализација на проектот ХЕЦ „Лера“ како дел од хидросистемот „Стрежево“.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, Комисијата водеше претрес по амандманот на член 1 став (1) за менување на алинеја 11, поднесен од пратениците: Марјанчо Николов, Стојко Пауновски, Панче Орцев и Миле Андонов.

Амандманот го образложи пратеникот Марјанчо Николов, а во расправата по амандманите, покрај него учествуваше и пратеникот Миле Андонов. Претставникот на Владата не се согласи со поднесениот амандман. Со три гласа „за“ и седум „против“, Комисијата не го усвои овој амандман.    

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам, Комисијата разгледа 4 амандмани, поднесени од пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Стојко Пауновски, г. Панче Орцев и г. Миле Андонов:

  • амандманот на член 6 став (1) и за додавање на 4 нови става по ставот (1),
  • амандманот на член 12 став (1) и став (2),
  • амандманот на член 13 и
  • амандманот на член 14 став (1)

Амандманите  ги образложи пратеникот Миле Андонов.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Талат Џафери и г. Миле Андонов, како и г. Владимир Атанасовски, директор на Управата за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.

Претставникот на Владата не се согласи со поднесенитe амандмани. Со по три гласа „за“ и седум „против“ Комисијата не ги усвои овие амандмани.    

Согласно утврдениот рок со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка и Предлогот на закон за престанување на важењето на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Владата на Кралството Шпанија по Договорот за кредит за реализација на проектот ХЕЦ „Лера“ како дел од хидросистемот „Стрежево“, не беа поднесени амандмани и Комисијата едногласно заклучи да ги проследи на натамошна постапка во Собранието.

Воедно, Комисијата со по седум гласа „за“ и три „против“  заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи  и Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.

Click