Активности



Петок, 26 октомври 2012 година 

Дваесет и прва седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
 
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 21. Седница, одржана на 16 октомври 2012 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2012 година.

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше, г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, потоа г. Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство и г-ѓа Маргарита Делева, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 Министерот Димовски го образложи Извештајот во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството, притоа истакнувајќи дека се даваат позитивни оценки во делот на земјоделството и дека во последните 4 години бележи прогрес во повеќето сегменти. 

Тој посочи дека Комисијата го оценува напредокот за воспоставување на интегрираниот систем за идентификација на земјишни парцели и фарм-регистарот, со што се подобрува контролата на директните плаќања.

Исто така, Европската комисија го нагласува зголемувањето на финансиските средства за 2012 година кои се наменети за директна поддршка и во таа насока се врши дигитализација на парцелите со тенденција во следниот период за интензивирање и завршување на овој проект. Министерот појасни дека со овој систем веќе се обезбедени поедноставни постапки за аплицирање на земјоделците и зголемена контрола на процедурите поврзани со директните плаќања.

Господин Димовски изјави дека Европската комисија го евидентира започнувањето на активностите за уредување на земјоделските пазари во делот на квалитетот и класификација на производите.

Исто така, во областа на политиката на квалитет се забележува напредок со целосно воведување на законодавството за пазарните стандарди и институционалното зајакнување.

Нотиран е напредок и во органското производство, каде се продолжува со усогласување со европското законодавство и со зголемување на  финансиска поддршка во овој сектор.

Министерот укажа на забелешките во Извештајот во делот на вработените во АФПЗРР, кој е недоволен во однос на обемот на работните задачи за спроведување на финансиската поддршка од 130 милиони евра за оваа година и ИПАРД фондовите како и слабата апсорпциона моќ на секторот за искористување на овие средства.

Во таа насока, Извештајот позитивно ја нотира заложбата на Владата за подобрување на овие состојби преку усвојување и спроведување на Акционен план за подобрување на контролата и управување на средствата од ИПАРД програмата.

Министерот укажа дека нотираниот напредок во руралниот развој е дополнителен поттик за понатамошна работа и интензивно спроведување на Акциониот план на Владата за зголемување на апсорпцијата на ИПАРД средствата.

Во овој дел, министерот укажа дека се очекува дополнително подобрување преку воведување на нови ИПАРД мерки, односно можноста да се олеснат критериумите и праговите за користење на средствата, вклучувајќи ја и можноста за користење на механизација за македонските земјоделци.

Исто така, превидено е зголемувањето на буџетот за спроведување на Националната програма за финансиска поддршка за руралниот развој 2013-2017 година до 35 милиони евра во 2017 година, што ќе доведе до поголем развој на руралниот сектор преку финансирање на капиталните проекти, инвестирање во модернизација на иригационите системи, инвестирање во патната инфраструктура, консолидација на земјоделското земјиште, поттикнување на производителите за заеднички пласман на производи специјализирани за пазарните стандарди. 

Тој изјави дека во иднина ќе бидат намалени административните бариери за добивање на кредитни линии на земјоделците од Македонската банка за поддршка на развојот и за полесно користење на средствата од ИПАРД фондовите.

Во поглавјето 4.12. Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика, образложение даде г. Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, кој изјави дека Агенцијата е задоволна од Извештајот каде е нотиран прогрес во речиси сите сегменти што ги покрива ова поглавје.

Во оваа насока директорот Рунтевски укажа дека е нотиран напредок во однос на институционалното и административното зајакнување на Агенцијата и воведувањето на контролните системи за спречување и искоренување на заразните болести кај животните.

Тој изјави дека има прогрес во делот на општите начела на безбедноста на храната, посебно со донесување на повеќегодишен Национален мониторинг контролен план, кој ја опфаќа и безбедноста во делот на ветеринарната и фитосанитарната политика. 

Понатаму, директорот Рунтевски укажа дека е воспоставен систем на внатрешна контрола во Агенцијата за храна и ветеринарство и дека е усвоен општ план за управување со кризи од областа на безбедноста на храната.

Во делот на ветеринарната политика, во Извештајот е истакнато успешното спроведување на оралната вакцина кај лисиците против беснило и воспоставувањето на надзор и мониторинг врз имплементација на мерките за заштита од класичната чума кај свињите, донесувањето на правилници за борба против везикуларната болест кај свињите и болести на рибите.

Во таа насока, во Извештајот позитивни се коментарите за воспоставување на системот за идентификација и регистрација на свињите и напредокот во оваа сфера. 

Директорот Рунтевски укажа дека за прв пат е изработен Национален план за борба против салмонелозата и дека се чека позитивен одговор од Европската унија.

Господин Рунтевски искажа дека е забележан напредок во однос на  благосостојбата на животните каде што се донесени голем број правилници. 

Исто така директорот Рунтевски забележа дека за прв пат се донесени правилници во областите на суплементите во храната, збогатената храна, храната за посебните нутритивни производи, храната произведена со најнови технологии и донесување на подзаконски акти кои ги регулираат минералните води.

Директорот укажа дека за првпат е донесена и започнува да се применува Годишна програма за безбедност на храната од неживотинско потекло, што е  позитивно оценето од страна на Европската комисија.

Забележан е напредок од областа на добиточната храна, односно целото законодавство е усогласено. 

Директорот Рунтевски ги посочи забелешките во Извештајот кои се во делот на фитосанитарната политика, а се однесуваат на недоволниот административен и институционален капацитет, но укажа дека забележан е прогрес во однос на усогласувањето и имплементирањето на регулативите за фитосанитарната политика.  

Во дискусијата по Извештајот на Европската комисија учествуваа пратениците: г. Панче Орцев, г. Горан Сугарески и г. Ромео Тренов.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, со акцент во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа со изнесените предлози, сугестии и мислења изнесени на седницата на Комисијата.
Click