Активности



Понеделник, 5 март 2012 година

Дваесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и втората седница, одржана на 29 февруари 2012 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување на Законот за хартии од вредност;
  2. Предлогот на закон за изменување на Законот за банките;      

поднесени од пратениците: Радмила Шекеринска, Гордан Георгиев, Наташа Савова, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голубчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јофковска Ефтимоска, Менде Диневски, Стојко Пауновски, Тито Петковски, Ивон Величковски, Горан Мисовски, Соња Мираковска, Николче Ацевски, Рејхан Дурмиши, Фијат Цаноски, Ленче Николовска, Мевмед Џемајлоски и Сафет Бишевац.

Со оглед на тоа што целта на предложените измени во Законот за банките и во Законот за хартии од вредност е идентична, Комисијата одлучи по двата Предлог-закони да води заедничка расправа. Од тие причини, воведното образложение и сите изнесени мислења, сугестии, забелешки и поставени прашања кои се содржани во Извештајот по Предлогот на закон за изменување на Законот за банките се однесуваат и на Предлогот на закон за изменување на Законот за хартии од вредност.

Од име на предлагачите, предложените закони ги образложи пратеникот г-ѓа Радмила Шекеринска. Таа нагласи дека целта на предложените решенија е да се зголеми транспарентноста на интересите на поединци и намалување на можноста за злоупотреба на позицијата од страна на личности од разни сектори.

Во Република Македонија сегашните прописи предвидуваат акционерите коишто имаат акции над 5% од вкупниот број на акции во акционерските друштва, да бидат познати на јавноста и за нив согласно предвидена процедура може да се добијат податоци. Но, сите акционери кои имаат под 5% акции не се познати за јавноста. Ова е добар начин поедини луѓе да ја злоупотребуваат позицијата на којашто се наоѓаат. Собранието на Република Македонија мора да реагира на вакви тенденции за да се спречи поголема злоупотреба.

Претставникот на предлагачите на законите потенцира дека пратениците треба да покажат политичка волја за борба против новите форми на корупција. Јавните тендери со постојните закони може да се доделуваат на компании каде што акционери се јавни функционери, што е директен судир на интереси.

Прв чекор за борба против корупцијата е целосно отворање на акционерските книги, откривање на можните начини на злоупотреба или конфликт на интереси. Иако тие нема да исчезнат, драстично ќе се намалат.

Факт е дека во многу држави малите акционери не се достапни за јавноста затоа што ги има многу, затоа што тие пазари за хартии од вредност се развиени и затоа што корупцијата е многу мала. Меѓутоа, во Република Македонија не може да се користат исти методи како на пример во Шведска, затоа што нашите проблеми се различни од тие во скандинавските земји.

Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Лилјана Кузмановска, г-ѓа Радмила Шекеринска, г. Изет Зеќири, г. Марјанчо Николов, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Стојко Пауновски.

Комисијата со 4 гласа „за“ и 7 „против“ заклучи дека двата Предлог-закони не се прифатливи и не треба да се дадат на натамошно читање.

Click