Активности



Понеделник, 19 март 2012 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и третата седница, одржана на 14 март 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2012 година;
  2. Предлог-законот за задолжница (прво читање);
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот за платниот промет (прво читање);
  4. Предлог-законот за дополнување на Законот за комуналните такси (прво читање), поднесен од пратениците: Радмила Шекеринска-Јанковска, Гордан Георгиев, Наташа Савова-Салковска, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска-Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голупчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јовковска-Ефтимоска, Менде Диневски и Стојко Пауновски;
  5. Предлогот на закон за гарантен фонд за економска обнова и развој (прво читање), поднесен од пратениците: Изет Зеќири и Фламуре Демири-Креци.

- Воведно образложение по Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2012 година даде претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија, г. Климе Попоски.

Тој истакна дека Агенцијата за супервизија на осигурување, водејќи се од своите планирани активности за 2012 година, а во насока на остварување на своите цели и исполнување на законските обврски, го изготви Финансискиот план, каде што се предвидени сите позиции  на страната на приходите и на страната на расходите и го достави на усвојување до Собранието на Република Македонија.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2012 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- Заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, го образложи Предлогот на закон за задолжница и истакна дека основна цел на предложеното решение е ефикасна заштита на доверителите од ризикот да не можат да ги наплатат своите побарувања, брза наплата на побарувањата и намалување на долгот меѓу домашните субјекти.

Состојбите во должничко-доверителските односи укажуваат дека неплаќањето или ненавременото плаќање на обврските меѓу стопанските субјекти се вбројуваат во главните проблеми со кои се соочува македонскиот бизнис-сектор и воедно претставуваат основна причина за неликвидност на стопанството.

Во оваа насока, се предлага воведување на задолжницата како инструмент за обезбедување на наплатата, кој ќе придонесе за јакнење на соработката меѓу домашните субјекти и засилување на вкупната економска активност во земјата.

Задолжница е приватна исправа потврдена на нотар со која должникот дава согласност побарувањето на доверителот назначено во задолжницата присилно да биде наплатено од сите расположиви средства на должникот кај носителите на платниот промет.

Предложеното законско решение предвидува едноставна и ефикасна процедура за наплата на обврските по основ на задолжници.
 
Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за задолжница е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во образложението на Предлогот на закон за дополнување на Законот за платниот промет, заменик-министерот за финансии истакна дека основна цел на предложеното решение е дефинирање на задолжницата како решение за присилна наплата. Со предложените дополнувања се овозможува одредбите од Законот за платниот промет кои се однесуваат на извршување на решенијата за присилна наплата од страна на носителите на платниот промет, да се однесуваат и на задолжницата.   
Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за дополнување на Законот за комуналните такси даде претставник на предлагачите, пратеникот Стојко Пауновски. Тој нагласи дека целта на предложениот закон е да им се помогне на стопанските субјекти преку намалување на трошоците на фирмите по основ на престанување на плаќање на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија за период од една година. Ова решение претставува антикризна мерка за помош на бизнис-секторот.

Комисијата со четири гласа „за“ и осум „против“ заклучи дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за гарантен фонд за економска обнова и развој даде претставникот на предлагачите, пратеникот Изет Зеќири.

Поаѓајќи од фактот што светската економска и финансиска криза која се случи во 2008 година, а се прелеа и во нашата држава, како и кризата која веќе се чувствува од еврозоната и во Република Македонија, потребно е да им се помогне на компаниите. За таа цел се предлага да се формира гарaнтен фонд за економска обнова и развој.

Со овој закон се уредува постапката за утврдување на гарантна квота и давање гаранции од страна на Република Македонија на комерцијалните банки за кредити кои тие ќе ги одобруваат на економските субјекти за поддршка на развојот на македонската економија и за стопанска активност.

Значи, целта е ублажување на негативните ефекти од глобалната криза и создавање на услови за подобрување на ликвидноста на економските субјекти.

Гаранциите, согласно закон, ќе се доделуваат до 31.12.2012 година. Право за добивање на овие кредити ќе имаат сите фирми кои ќе вршат нови инвестиции или завршување на отпочнатите инвестиции, компаниите кои имаат потреба од обртни средства и тоа што е главно, гаранцијата за кредит може да биде најмногу 50% од износот на главнината, но не повеќе од 60 милиони денари. Се предлага гарантниот фонд да изнесува 2 милијарди денари.

Комисијата со четири гласа „за“ и седум „против“ заклучи дека овој Предлог-закон не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

Click