Активности



Вторник, 26 јуни 2012 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија на 23. седница, одржана денеска, како матично работно ги разгледа:

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци, по скратена постапка - II читање;
  • Усвојување на заклучоците од 17. седница на Комисијата за труд и социјална политика, јавна расправа на тема „Имплементација на Стратегијата за Ромите во Република Македонија", одржана на 14 мај и првото продолжение на 15 мај 2012 година.

На седницата по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци (по скратена постапка), во предвидениот рок согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваше пратеникот г-ѓа Радмила Шеќеринска.

Комисијата овој Предлог-закон го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Комисијата за труд и социјална политика едногласно ги усвои следните заклучоци од јавната расправа на тема „Имплементација на Стратегијата за Ромите во Република Македонија":

1. Комисијата бара дополнителна информација од министерот без ресор одговорен за имплементација на Стратегијата за Ромите, колку средства се издвоени од страна на министерствата за имплементација на Стратегијата од 2005-2011 година;

2. Врз основа на излагањата на народниот правобранител на Република Македонија и претставниците на невладините организации, Комисијата од Министерството за труд и социјална политика бара дополнителна информација во врска со нерегистрираните ромски деца во матичните книги на подени, со цел преземање активности за решавање на проблемот;

3. Комисијата бара дополнителни информации од Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи, во врска со потешкотиите во спроведувањето на визната либерализација за граѓаните на Република Македонија при нивното патување во странство;

4. Комисијата констатираше дека има потреба од понатамошно истражување и изнаоѓање на решение на проблемот на „децата на улица“, од кои речиси 95% се Роми и од кои само 18% посетуваат настава во училиштата;

5. Комисијата ќе ги испита постоечките прописи кои го регулираат прашањето за застапеноста на децата Роми во образовните установи за деца со посебни потреби, нивната имплементација, како и тоа дали се потребни одредени законски промени;

6. Комисијата го проследува апелот од учесниците упатен до медиумите, реално да известуваат и да избегнуваат секакви предрасуди при нивното известување, кога е во прашање ромската заедница;

7. Комисијата смета дека треба да се унапреди статусот на жената Ромка, да се преземат дополнителни активности за нејзино интегрирање во сферите на општественото живеење, подобрување на пристапот до примарна здравствена заштита и отворање на гинеколошки ординации во општините со значителен број на Роми;

8. Комисијата побара од Министерството за транспорт и врски да се спроведат дополнителни мерки и активности во областа на инфраструктурата и домувањето, како и за легализација на дивоградбите во ромските населби, со цел урбанизација на истите;

9. Комисијата дава поддршка на министерствата кои се задолжени за поддршка на Стратегијата и имплементација на истата, со цел подобрување на условите за живот на Ромите, без притоа да се дискриминира или исклучува било која група;

10.  Земајќи ја предвид уставната одредба за правична застапеност на Ромите и позитивната дискриминација, Комисијата за труд и социјална политика дава препорака на централните и локалните власти да се води сметка, особено за кандидатите Роми кои имаат високо и средно образование, во процесот на пријавување за работните места, со што ќе се влијае и на интересот за продолжување на образовниот процес  кај децата Роми.

Click